понеделник, 2 март 2026

Азески панелист на Копаоник бизнис форум, фокус на индустриската политика и регионалната интеграција

Копаоник бизнис форум, кој се одржува од 1 до 4 март годинава, фокусот на дискусиите го става на теми што го обликуваат современиот глобален и регионален контекст – од индустриска политика и конкурентност, преку инвестиции и пазар на труд, до дигитална трансформација и одржлив развој. На форумот присуствуваат лидери од бизнисот, академската и политичката сфера од регионот, како и меѓународни експерти од различни области.

Објавено на

часот

Сподели

Централна тема на форумот е „Индустриската политика во функција на долгорочниот економски раст на Србија“, се наведува во соопштението од Стопанската комора на Македонија.

Претседателот на Комората, Бранко Азески, денеска (2 март 2026 година) е панелист на тема „Заедно напред: регионална интеграција на Западен Балкан“, заедно со претседателот на Стопанска комора на Србија, Марко Чадеж, проф. Дејан Микеревиќ од Економскиот факултет при Универзитетот во Бања Лука, Горан Пекез, директор за корпоративни работи и комуникации за Западен Балкан, Давид Пиегазки, генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), и Небојша Шапониќ, коосновач на НЕЛТ груп. Со својата експертиза и активно учество, Азески ќе поттикне дијалог за актуелни теми што ја обликуваат економската слика во регионот, во услови на глобални неизвесности.

Во рамки на активностите на форумот, претседателот Азески ќе учествува и на настан во организација на компанијата EXPO 2027, под наслов „Експо 2027 под лупа: најголема шанса или најскапа илузија на Србија“. Целта е преку отворена дискусија со претставници на бизнис-заедницата, организаторите и компании со искуство од светски изложби да се разгледаат можностите, предизвиците и реалните економски ефекти од Експо 2027, како и улогата на Србија и нејзиното стопанство во овој процес.

Форумот, кој по бројот на учесници и одзивот често се нарекува регионален „Балкански Давос“, ќе опфати теми како што се макроекономски политики, дигитална економија, креативни индустрии, вештачка интелигенција, регионална соработка, инфраструктура, инвестиции, иновации, банкарство и осигурување, земјоделство, зелена транзиција, здравство и образование, како и актуелните глобални случувања што влијаат врз економските текови.

Копаоник бизнис форум е настан од висок профил кој повеќе од три децении привлекува значителен број учесници од регионот. Партнерството со Mastercard обезбедува дополнителна поддршка и придонесува за поголема видливост и унапредување на квалитетот на настанот, кој годинава опфаќа 35 панел-дискусии. Форумот е организиран од Алијансата на економисти на Србија, под водство на Александар Влаховиќ, а на него традиционално присуствуваат и шефови на држави, премиери и министри, високи претставници на регулаторни тела, претставници на меѓународни финансиски институции, научници, дипломати, деловни претставници и медиуми.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ