Стечајната постапка за фирмата „ДЕНА Продукт“, во сопственост на Атанас Костов, сопруг на Емилија Заева Костова се води во Основниот граѓански суд во Скопје од февруари минатата година, додека судскиот спор меѓу австриската компанија инвеститор и валандовската фирма се води пред Основниот суд во Велес од април 2023 година.
На денешното рочиште судијата Артан Лимани, информираше дека се одложува и предметот со списите се доставува до Апелацискиот суд за одлучување по барањето за разрешување на стечајниот управник Владица Ивановска, поднесено од фирмата АММА, доверител од Австрија.
Фирмата АММА, како доверител во постапката преку адвокат Драган Лазаров на 11 јули годинава поднел жалбаа против решението на првостепениот суд од 1 јули годинава, со кое се одбива барањето за разрешување на стечајниот управник Ивановска, поради незаконито постапување и спротивно на Законот за стечај.
Сега останува второстепениот суд да одлучи дали стечајниот управник ќе биде разрешен или не.
Според одбраната на австриската фирма АММА, стечајната управничка се уште го нема преземено имотот и таа како како управител не раководи со стечајната маса согласно Законот за стечај.
Арбитражниот суд во Виена на почетокот на 2023 година донел одлука валандовската компанија „Дена продукт“ да и плати 4,5 милиони евра на австриската компанија – инвеститор АММА, поради прекршување на договорот за извоз на корнишони.
Судскиот совет во декември 2023 го разгледа и усвои Извештајот од работната посета на Основниот суд Гевгелија, кој меѓу другото врши увид и во предметот поврзан со изречената времена мерка на имотот на правното лице „Дена продукт“, за кој реагираше и австрискиот амбасадор Вуцас.
Претседателката на работната група на Судскиот совет Тања Чачарова-Илиевска, посочи дека од посетата на Основниот суд во Гевгелија има неколку заклучни согледувања.
„Прво, во предметите по предлозите за привремени мерки од кривична материја, сметаме дека нема пропусти. Не најдовме пропусти и незаконитости во постапувањето на Основниот суд Гевгелија. На крај, овие предмети завршуваат со повлекување на барањето на предлогот за определување привремена мерка од страна на Основното јавно обвинителство Гевгелија“, изјави Чачарова-Илиевска.
Во, однос на предметите од граѓанска материја по предлогот за издавање привремена мерка Работната група на Судскиот совет, забележува неколку состојби, како долго траење на постапката по предлогот за определување привремена мерка.






