понеделник, 8 декември 2025

Австрија, Словенија, Германија и Италија иницираа промени во пристапувањето кон ЕУ

Австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм и словенечката државна секретарка во Министерството за надворешни и европски прашања, Нева Грашич даваат целосна поддршка на дијалогот меѓу Скопје и Софија, кој македонската Влада го најавува дека ќе се случи по изборите, односно по Нова година.

Објавено на

часот

Сподели

Плаколм и Грашич денеска во Скопје на заедничката прес-конференција со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, одговорајќи на новинарско прашање за најавените разговори, но и дали нивните земји ќе се обидат да ја убедат Софија да разговара, нагласија дека во секој случај тие се силни поддржувачите на дијалогот.

„Секако дека сме поддржувачи на дијалогот и Австрија го поддржува процесот на пристапување и ќе поддржиме се што е потребно за да видиме опипливи резултати во преговорите“, нагласи Плаколм.

Таа додаде дека не само во однос на земјава или Западен Балкан, туку воопшто Австрија смета дека билатералните прашања треба да се дискутираат и решаваат билатерално, а кога станува збор за проширувањето членките треба да зборуваат во еден глас.

„И затоа сметаме дека токму квалификуваното мнозинство ќе помогне во тоа“, додаде Плаколм.

Грашич се надворза дека билатерализацијата на процесот на проширување е секако загрижувачка.

Таа нагласи дека процесот не смее да се блокира со билатерани прашања, бидејќи и на самата ЕУ ѝ се потребни и членките, но и кандидатките, поради сменетата геополитичка состојба и поради безбедноста.

„Секоја рамка, секој дијалог, кои ќе ги поттурнат Северна Македонија и Бугарија ги поздравуваме и ги поддржуваме“, рече таа и изрази задоволство што и Советот на ЕУ и претседателот Антонио Кошта, како и Европската комисија изразиле подготвеност за тоа. 

Австрија и Словенија, заедно со Германија и Италија иницираа до Европската комисија промена на процесот на одлучувањето за пристапувањето на земјите кандидатки и тоа со употреба на квалификувано мнозинство за техничките меѓучекори, а едногласност за почетокот и крајот на преговорите.

Оваа инцијатива е веќе во Европската комисија, ја поддржуваат 16 земји членки, а како што појаснија денеска во Скопје австриската сојузна министерка за Европа и словенечката државна секретарка во Министерството за надворешни и европски прашања целта е да се забрза процесот и да се избегне внесување на билатерални и внатрешно-политички прашања во процесот на пристапување.

И Плаколм и Грашич на заедничката прес-конференција во Скопје со Муртезани нагласија дека целта на оваа иницијатива е да се забрза влезот во ЕУ на Земјите од Западен Балкан, но и на Украина и Молдавија.

„Среде Европа недостига еден голем дел да биде во состав на ЕУ, треба да се потрудиме да ја затвориме оваа празнина за да ја зголемиме безбедноста на континтетот и да го поврземе она што си припаѓа едно на друго. Процесот на приклучување трае веќе 20 години, веќе 20 години ѝ ветуваме на Северна Македонија дека ќе стане членка на ЕУ. Денеска имам новина од Австрија за вас. Австрија ќе се заложи за квалификувано мнозинство во процесот на пристапување на нови земји во ЕУ со цел да се намали бирократијата. Тоа значи дека нема да биде неопходна едногласност за секој технички чекор за секоја земја кандидат… За крајниот процес на пристапување ќе биде потребна едногласност, но во меѓувреме ќе се намалат тензичните билатерални односи  и ќе може во поголема мера неутрално да се носат одлуки“, нагласи Плаколм.

Таа појасни дека станува збор за квалификувано мнозинство за техничките чекори, но напомена дека е потребна политичка волја за да заживее оваа иницијатива.

„За нас е јасно дека за големите прашања, како заедничката безбедносна и надворешна политика ќе мора да зборуваме во еден глас, но во пристапните разговори не смее да има кочења во меѓучекорите со билатерални и внатрешно-политички прашања, секако за почетокот и крајот на процесот треба да постои едногласност“, нагласи австриската министерка.

Грашич се надворза дека и Словенија, како и Австрија инсистира Северна Македонија што поскоро да влезе во ЕУ.

„Проширувањето на ЕУ и натаму е наш приоритет, пред се, поради геополитичката динамика. Инститираме и Северна Македонија да стане дел од ЕУ до 2030 година и го разбираме разочарувањето“, истакна Грашич.

Таа додаде нејзината земја е една од оние кои ја покренаа инцијативата за воведување квалификувано мнозинство за технички прашања.

„Словенија и Германија неодамна предложија гласање со квалификувано мнозинство за технички прашања поврзани со проширувањето и сакаме да ги видиме земјите од Западен Балкан, но и другите од Истокот што е можно побрзо да напредуваат, ова е наш придонес. Кога Словенија се приклучуваше процесот беше полесен, со помалку Аки, сега е потежок во однос на усогласувањето со закодавството на ЕУ. Унијата сега е посилна со поконкретизирани закони“, додаде таа.

Словенија, Германија, Австрија и Италија испратиле писмо до претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта за покренување иницијатива за поедноставување на процесот на носење одлуки, која е поддржана од 16 членки.

Грашич додаде дека поканети се и останатите да се приклучат и изрази задоволство што Кошта и лидерите дискутираат за неа.

Министерот Муртезани посочи дека ние како земја говориме дека методологијата на проширување треба да претрпи одредени промени, не само бидејќи тоа сме го почувстувале на наша кожа, туку и поради тоа што, за жал, вели, тоа станува пракса и не им штети само на интересите на земјите кандидати, туку и на стратешкиот интерес на ЕУ.

„Тоа е особено поради фактот што го отежнува пристапувањето и остава простор за условно кажано за злоупотреба на билатерални процеси во пристапување. Сменета е геополитиката и мора да се воспостави методологија, која ќе овозможи брзо заокружување на процесот во овие услови на неизвесност“, рече Муртезани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ