„Надзорот покажа дека спротивно на член 48 став 2 од ЗААВМУ, емитуваната содржина на МРТ2, во рамки на музичката програма ‘Фестивал на детска песна – Билбилите на Кораб’, поттикнува и шири нетрпеливост врз основа на национална и етничка припадност преку иредентистички симболи и експлицитни политички пораки за промовирање на моноетнички, иредентистички „аманет“ за обединување на територии“, се вели во заклучокот на Извештајот на ААВМУ.
Предмет на анализата била изведбата на песната „Албански територии“ (Trojet Shqiptare), дел од детски фестивал снимен во 2023 година, а емитуван три години подоцна. Регулаторот оценил дека токму овој временски јаз дополнително ја засилува одговорноста на јавниот сервис, бидејќи уредничкиот тим имал доволно време да ја прегледа и евентуално да ја отстрани спорната содржина пред да ја пласира пред јавноста.
„Прекршувањето се однесува на законската забрана за емитување содржини што поттикнуваат дискриминација, омраза или нетрпеливост врз етничка и национална основа. Прикажаната програма не останала во рамките на уметнички израз, туку содржела јасни политички пораки со иредентистички карактер“, се вели во извештајот.
Карта на „Голема Албанија“ и територијални претензии
Клучен дел од наодите се однесува на визуелните елементи на настапот. Детето кое ја изведувало песната било облечено во маица со карта на т.н. „Голема Албанија“, а на сцената биле користени и симболи како двоглавиот орел. Според регулаторот, ваквите симболи, иако можат да имаат историски или културен контекст, во конкретниот случај биле употребени за промоција на идеја за територијално обединување.
Дополнителна тежина, според извештајот, носи и самиот текст на песната, кој содржел пораки за обединување на територии од повеќе држави во регионот, вклучително и делови од Македонија. Овие пораки биле оценети како експлицитни и како директно поврзани со концепт што може да предизвика меѓуетнички тензии.
Во извештајот на АВМУ пишува дека контекстот во кој е емитувана содржината е исклучително чувствителен, имајќи ги предвид регионалните прашања поврзани со идентитетот и територијалниот интегритет. Фактот што програмата била емитувана на јавен сервис со национална покриеност дополнително го зголемува нејзиното влијание врз јавноста.
Посебно е истакната одговорноста на уредничкиот тим на МРТ2, кој има крајна контрола врз програмата што се емитува. Во извештајот се вели дека пропустот не може да се смета за случаен, туку укажува на системски недостатоци во уредничката политика и во механизмите за контрола на содржината.
Анализата опфаќа и прашањето за намерата, при што се наведува дека таа може да биде директна или да произлегува од професионална небрежност. Во секој случај, емитувањето на ваква содржина се толкува како давање легитимитет на идеи што се спротивни на принципите на соживот и мултиетничка кохезија.
Во извештајот се оценува и потенцијалното влијание врз публиката, особено врз малолетниците. Се предупредува дека ваквите пораки можат да предизвикаат страв, револт или дополнително радикализирање, а користењето деца за нивно пренесување се квалификува како сериозна злоупотреба.
Според праксата на Европскиот суд за човекови права, слободата на изразување не е апсолутна и може да биде ограничена кога станува збор за говор што поттикнува омраза или ја загрозува јавната безбедност, велат од АВМУ и додаваат дека во конкретниот случај се исполнети сите услови за такво ограничување.
„МРТ2 со емитувањето на спорната содржина го прекршил член 48 од Законот, бидејќи поттикнал и ширел нетрпеливост врз етничка основа. Како мерка се предлага јавна опомена и обврска медиумот да го усогласи своето работење со законските одредби, по што ќе следи и контролен надзор“, предлага АВМУ.
Во извештајот се цитира и превод на песната која ја изведува 13-годишното девојче во спорната емисија:
Летај ти орел, летај, и над нашето знаме застани,
над Албанија, Косово, Улцињ и Тетово гордо исправи се ти.
Ќе дојде ден кога сите ќе бидеме заедно,
зашто нè врзува еден народ, еден јазик, една крв.
Земјата и небото ќе се обојат црвено и црно,
а ние ќе славиме во слобода.
Оваа слобода што денес ја уживаме,
нашите херои не смееме да ги заборавиме.
Тие ни оставија аманет
нашите земји да ги обединиме.
Ќе дојде ден кога сите ќе бидеме заедно,
зашто нè врзува еден народ, еден јазик, една крв.
Земјата и небото ќе се обојат црвено и црно,
а ние ќе славиме во слобода.






