Содржините на „Сител“, „Канал 5“, „Алсат М“ и „Телма“ се на врвот на листата на најгледани телевизии меѓу граѓаните. Што се однесува до радиостаниците, половина од испитаниците кажале дека не слушаат радио, но кај другите најслушани се „Антена 5“, „Канал 77“ и Македонското радио – Прва програма.
Ова истражување содржи и прашања што се однесуваат на следењето на инфлуенсерите и нивното влијание врз граѓаните. Со потврден одговор дека следат содржини продуцирани од инфлуенсери на социјалните мрежи одговориле 28,5 отсто од испитаниците, а прв на листата е Стефан Лазаров, а зад него е Лила Филиповска. Во регистарот на АВМУ досега се регистрирани само 11 инфлуенсери/влогери или креатори на содржини.
Истражувањето беше презентирано на денешниот прв јавен состанок на АВМУ, на кој директорот Зоран Трајчевски информира за спроведените активности во согласност со годишната програма за работа на Агенцијата.
Според истражувањето, граѓаните најчесто користат телевизија и социјални мрежи, при што значајно мнозинство од испитаниците секојдневно користат телевизија (72,4 %), односно социјални мрежи (69,4 %). Веднаш по нив се онлајн-медиумите – интернет-портали, кои секојдневно се користени од над половина од испитаниците. Повеќето од испитаниците одговориле дека никогаш не ги користат печатените медиуми и радиото.
При информирањето за актуелни настани, повеќето од испитаниците секојдневно ги користат социјалните мрежи (62,3 %) и телевизијата (61,2 %), што укажува на нивната доминантна улога како примарни извори на вести. Интернет-порталите се третиот значаен извор со 39,5 % од испитаниците, кои секојдневно го употребуваат, а традиционалните медиуми, како радиото и печатените медиуми, имаат занемарливо влијание, со оглед на тоа што огромно мнозинство од граѓаните (над 65 %) изјавиле дека никогаш не ги користат за оваа намена.
Повеќето од испитаниците (34,3 %) гледаат телевизија помеѓу половина и два часа во текот на денот. Речиси секој четврти граѓанин (24,0 %) поминува повеќе од четири часа пред екранот, а само занемарлив дел од 0,3 % изјавиле дека воопшто не гледаат телевизија, што го потврдува широкиот опфат на овој медиум.
Вестите претставуваат најчест избор кај публиката, при што 31 % од испитаниците ги посочуваат како содржина што најчесто ја следат. По нив следуваат филмовите со 20 % и ТВ-сериите со 19 %, а спортските програми се рангирани на четвртата позиција со 12 % од испитаниците што ги избираат како примарна опција. Наспроти тоа, дебатните, културните, образовните, програмите за деца, цртаните филмови и верските содржини се значително помалку застапени меѓу приоритетите на гледачите и ретко се појавуваат како прв или втор избор.
„Сител“ е водечки медиум за информирање со 37,7 % од испитаниците, кои изјавиле дека на овој канал гледаат вести. Следен е „Канал 5“ со 25,7 % од испитаниците, кои таму најчесто следат вести. Значаен дел од публиката ги избира „Алсат М“ (20,2 %) и „Телма“ (16,6 %), а јавниот сервис МРТ 1 е примарен извор за вести кај 6,9 % од граѓаните.
Речиси три четвртини од испитаниците (74,2 %) сметаат дека телевизиските вести се преплавени со негативни содржини, а речиси 60 % се согласуваат дека во ТВ-вестите се шпекулира со непроверени информации и се обвинуваат личности пред судот да ја докаже нивната вина.
Директорот на АВМУ, Трајчевски, кој информира за работата на Агенцијата во првиот квартал, рече дека биле реализирани редовните програмски и административни надзори врз радиодифузерите,во согласност со годишните планови за програмски и административен надзор.
За разни законски обврски, редовни програмски и административни надзори се извршени врз националните телевизии „Наша ТВ“, ТВ „24 вести“, ТВ „Компани 21 – М“ и ТВ „Шења“. Со извршените надзори, како што рече Трајчевски, утврдено е прекршување кај ТВ „Компани 21 – М“ на правилата за заштита на малолетните лица, пласирање производи и објава на импресум. Поради престанување на важноста на дозволата за телевизиско и радиоемитување по сила на законот, Агенцијата донела три решенија за бришење од регистарот на радиодифузери, на ТВ „М“, „Супер радио“ и ТВ „Сонце“.
Меѓу другото, извршени се три редовни административни надзори врз издавачите на печатени медиуми, за обврската за објавување импресум, кои опфатиле 16 печатени медиуми. Било констатирано дека издавачот на „БАЛКАНиУМ“ не ја исполнил во целост обврската за објава на импресум за што е изречена мерка јавна опомена.
Трајчевски посочи дека со цел зголемување на транспарентноста на сопственоста на медиумите, на веб-страницата на Агенцијата е поставен посебен банер, во кој на едно место се достапни податоци за сопственичка структура на телевизии, радија, печатени медиуми и онлајн-медиуми – интернет-портали. Овие податоци вклучуваат информации за физичките и правните лица, кои се јавуваат како сопственици, нивните удели, како и за крајните сопственици, односно лицата што имаат удели во правните субјекти што учествуваат во сопственоста на издавачите на онлајн-медиумите. Податоците се достапни на македонски, албански и на англиски јазик.
Издадени се вкупно 66 потврди за регистрација на програмски пакети на операторите по констатирањето дека доставените пријави се комплетни и уредни.
Во регистарот на инфлуенсери/влогери/креатори на содржини се евидентирани уште шест физички лица, па така сега се евидентирани вкупно 11 физички лица.
Агенцијата во овој квартал спровела и редовни административни надзори врз 50 издавачи на 59 онлајн-медиуми – интернет-портали, при што кај три интернет-портали, „Скопје инфо“, „Нистори“ и „Национал“ било утврдено прекршување на обврската за објава на импресум.
Досега во регистарот на онлајн-медиуми – интернет-портали, кој го води Агенцијата, евидентирани се 50 издавачи на 60 онлајн-медиуми – интернет-портали.






