Новата авиолинија е воведена како резултат на финансиската подршка од Владата преку програмата за воведување на нови дестинации на Министерството за транспорт. Аеродромот Орли се наоѓа на дваесетина километри од центарот на Париз, а покрај Изиџет, авиолинија од Скопје до францускиот главен град опслужува и авиокомпанијата Визер до аеродромот Бове, оддалечен 90-тина километри од Париз.
„Утрово го пречекавме авионот на Изиџет од аеродромот Орли, Париз, со што го означуваме отворањето на новата нискобуџетна авиолинија Париз-Скопје. Денеска, 2 април, Меѓународниот аеродром Скопје се поврзува со француската претстолнина, која воедно е база на Изиџет, најголема компанија во Европа од аспект на авиодестинации“, изјави заменик генералниот директор на ТАВ Македонија, Перо Лупевски.
Тој истакна дека Изиџет со летовите што ќе се реализираат двапати неделно ќе овозможи не само директен лет до Париз, туку и конеција до 160 други аеродроми во 35 земји.
„Посакуваме топло добредојде за Изиџет и се надеваме дека нивните авиони ќе бидат полни со македонски патници кои ќе сакаат да слетаат во Градот на светлината, а исто така посакуваме да имаме повеќе патници од Франција кои ќе сакаат да ги истражат убавините на Македонија. Оваа авиолинија, исто така ќе ги продлабочи и културните врски меѓу двете земји, а и ќе придонесе за македонската економија“, рече Лупевски, посочувајќи и дека денеска се поврзуваат два аеродрома кои се членки на групацијата АДП.
Согласно договорот, авиокомпанијата Изиџет со оваа линија ќе оперира од денеска до 31 декември 2027 година, со однапред определен ред на летање.
Според вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, ова е уште една можност за подобра комуникaција и поврзување на државава со европските земји и европските метрополи.
„Париз е атрактивна дестинација за патување, но уште поважно е дека туристи ќе носиме во Македонија. Како Влада создаваме услови со кои привлековме нови авиокомпании во Македонија и резултатите веќе се видливи. Осум нови дестинации од аеродромот во Скопје и две од аеродромот во Охрид се воведени за многу краток период. Го променивме целосно моделот на субвенционирање и наместо за заминување, даваме финансиска подршка за патници во доаѓање, затоа што целта е што повеќе луѓе да доаѓаат во Македонија, а тоа значи дека ќе користат и други услуги во земјава. Ова е стартегија која ја применуваме од самиот почеток и која ни дава конкретни резултати. Веќе преговараме со други авиокомпании и мислам дека сме на добар пат да постигнеме договор за нови дестинации“, истакна во пишана изјава вицепремиерот Николоски.
Линијата Скопје-Париз е дел од договорот за финансиска подршка за воведување на нови авиолинии што го реализира Министерството за транспорт преку јавен повик за субвенционирање. Од Скопје, освен Париз, се воведуваат и линиите кон Дубаи, Штутгарт, Лион, Барселона, Женева и Амстердам, а од Охрид кон Истанбул и Базел.
Согласно програмата за финансиска подршка 2025-2027 година, донесена од страна на Владата, предвидени се 360 милиони денари за субвенции за воведување на нови авиолинии. Целта е да се унапреди авиосообраќајот, да се обезбедат нови дестинации преку поволни услови за патување за граѓаните, како и развој на цивилното воздухопловство.
Со летниот распоред на летање што стапи во сила викендов, од скопскиот аеродром оперираат 16 авиокомпании до 47 редовни дестинации, а три сообраќаат со 10 чартер летови.