„Денеска СДСМ повторно покажа и докажа дека влијанието од заевизмот и многуте лиценци поделени за одгледување марихуана, сè уште владеат во СДСМ. Некое момче во залез на кариера после сериозен пораз на избори, нарекувајќи се втор човек во партијата, јавно се обидел да ме поврзе со некаковси тендер од неколку милиони евра, само и само затоа што сопственикот носел исто презиме како моето“, објави Арсовски на Фејсбук.
Тој рече дека не го познава човекот кој е сопственик на фирмата и побара јавно извинување од СДСМ.
„За да биде детално јасно, ниту го познавам човекот кој е сопственик на фирмата, ниту сум го сретнал, ниту знам како изгледа, ниту ми е роднина по која било основа. Единствено што е исто, е презимето. Немам никаква врска со никаков тендер, ниту пак сум имал каква било врска со државни тендери. Иако во прашална форма, моето име и презиме беше споменато на пресот на СДСМ, тенденциозно со намера да ме вовлечат во нивни креатури и да ги манипулираат граѓаните и јавноста, па затоа јавно барам извинување од СДСМ, ако им остана малце достоинство“, нагласи Арсовски.
За разлика од нив, додава тој, секој мој прес каде што било изнесено што било како информација, било точно и потврдено, а не како нивниве лаги и измислици.
„Знам дека сè уште ги боли што ја изнесував секојдневно вистината за нивниот криминал. Избори и доверба кај народот не се добиваат со тоа што ќе измислувате непостојни случаи и интриги за луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, туку со напорна работа, реформи и програма. Така победува ВМРО-ДПМНЕ на изборите, со чесно и домаќинско работење, а криминал доколку некаде има, институциите си ја вршат работата и тоа се гледа“, напиша Арсовски.
Претходно денеска на прес-конференција генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ изјави дека фирмата „Дигитал оне“, формирана на крај на август лани, со само двајца работници за една година добила тендери од речиси девет милиони евра.






