Таа во својата реакција тврди дека вчера попладне дознала дека согласно законот по престанокот на функцијата градоначалник, постои обврска за поднесување изјава за имотна состојба.
„Сите оние кои не се реизбрани и на кои им настанал престанок се најдоа на листата која сте ја лиферувале, а истото потекнува од очигледна неинформираност од ваша страна за постоење на таква обврска. Доколку ја извршувате вашата функција соодветно и доследно нема тенденциозно да покренувате јавен линч за деградација, бидејќи да сте биле професионални и да сте го застапувале законот, ќе нѐ информиравте лично за обврската или со соопштение преку медиумите, ете баш на истиот начин на кој за жал настапивте за да си направите себепромоција дека не се поднесени изјави за престанок. Добро ќе беше да сработите нешто за мултимилионската корупција во Македонија и сериозните криминали кои се случуваат вклучувајќи ги и институционалните непостапувања за случаи како загадувањето од страна на УСЈЕ или трагедијата во Кочани, наместо да се заканувате со прекршочни глоби за која обврска не сте нѐ информирале, а очигледно сите 35 поранешни градоначалници кои не продолжуваат мандат не знаеле за постоењето на оваа одредба. Да си ја вршите работата како треба и соработувате со институциите, на почетокот на мандатот ќе ги информирате за постоењето на обете обврски“, се наведува во реакцијата на Арсовска.
Таа преку реакцијата ја информира ДКСК дека по престанок на функцијата градоначалник нема никакви промени во нејзината имотна состојба согласно денот на завршување на мандатот.
„За крај би сакала да ме информирате по писмен пат на овој е-маил, на кој начин ја креиравте листата која ја лиферувавте низ јавноста каде како број еден сте го објавиле моето име? Дали е истото сторено по азбучен ред, по возраст, по пол, по тоа кој е најсиромав или по ваше лично убедување како и кому најмногу да се осветите и да наштетите со вашите небулози“, пишува Арсовска во реакцијата.
Во имотниот лист што Арсовска го поднела до ДКСК кога стапила на функцијата навела дека има заеднички имот и тоа гаража од 15 квардатни метри, два стана од 38 и 42 квадратни метри, автомобил хјундаи и хартии од вредност. Таа навела дека има и девизен и денарски депозит, но и долгови по основ на два кредити.
Вчера ДКСК објави дека 19 актуелни градоначалници не го пријавиле имотот со кој стапуваат на функцијата, а 35 поранешни градоначалници не пријавиле со колкав имот си заминуваат од функцијата.






