четврток, 19 јуни 2025

Арсовска му реплицира на Мицкоски: Град Скопје нема градежен инспектор, за узурпација на државно земјиште надлежно е МВР

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на социјалните мрежи му одговори на премиерот Христијан Мицкоски. Таа посочува дека надлежност за постапување со дивоградби имаат општинските градежни инспектори и Државниот градежен инспекторат.

Објавено на

часот

Сподели

„Таков инспектор има Општина Чаир и сите други скопски општини, како посебни единици на локалната самоуправа во рамки на градот Скопје. Градот Скопје е единствена единица на локална самоуправа која нема градежен инспектор по ЗАКОН. Освен општинскиот градежен инспекторат на Чаир, надлежност има и Државниот градежен инспекторат, кој е под директна надлежност на Министерството за транспорт и врски. Кога станува збор за гонење на криминалци кои се фатени во спроведување на кривично дело, во случајов узурпација на државно земјиште, бесправна градба и нарушување на општа безбедност, одговорноста е кај Министерството за внатрешни работи. Благодарам на можноста господине Мицкоски да влијаам едукативно на вас во овој случај и апелирам, сега откако ги знаете одговорностите и надлежностите да постапите веднаш“, вели Арсовска во објава на Фејсбук.

Премиерот Мицкоски денеска во одговор на новинарски прашања рече дека градоначалничката на Град Скопје има ингеренции и ако мисли дека е така, треба да постапува.

„Таа има ингеренции и ако навистина мисли дека е така, тогаш треба да постапува затоа што од филозофирање и гола реторика, народот нема фајде“, рече Мицкоски.

Градоначалничката на Скопје вчера преку пренос во живо на социјалните мрежи информираше дека на државно земјиште во општина Чаир се гради дивоградба и ги повика надлежните институции да реагираат.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ