Министерот Мисајловски притоа порача дека нивната мисија била благородна и дека никогаш нема да бидат заборавени, бидејќи со своите дела покажале како се сака државата и како се сака татковината.
На спомен-обележјето кај Катлановско Блаце почит на загинатите припадници оддадоа членовите на семејствата, како и делегации од Командата за операции, Првата пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ и од општината Петровец.

Со едноминутно молчење и положување венци од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ беше оддадена почит за единаесеттемина загинати припадници и пред спомен-обележјето пред командата на воздухопловниот ВИНГ во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во меморијалниот парк во кампот „Бутмир“ во Сараево, Босна и Херцеговина, каде што нашите припадници беа дел од мисијата „Алтеа“.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден, пред осумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија „Алтеа“, трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.






