„Ни претставува чест да ви се обратиме по повод вашиот избор за поглавар на Католичката црква. Дозволете ни во овој историски момент за Вас, од името на сета полнота на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, да ви го честитаме изборот за 267-ми папа на римската столица“, се наведува во честитката.
Со изборот на вашата светост, додава г.г. Стефан, Католичката црква доби достоен наследник на блаженоупокоениот папа Франциск, кој, веруваме, ќе ги продолжи и надгради неговите дела и мисија.
„Триединиот Бог нека ве дарува со боговдахновена, смирена, плодородна и долговечна служба, пројавена преку вашата молитвена грижа и ревност за неговиот народ и неговиот дом“, се наведува во пораката на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан до папата Лео Четиринаесетти.