петок, 3 април 2026
барометар на корупција на Транспаренси интернешнл

Апсења, пари под седиште, правда во фиока – барометарот на ТИ нотира сериозни проблеми во системот

Од утврдени неправилности во работата на државни институции преку сомнежи за висока корупција помеѓу владини функционери до чување на судски предмети во фиока, се само дел од издвоените случаи во најновиот Извештај на Транспаренси интернешнл (ТИ), „Бистро-матно“ за март 2026 година.

Објавено на

часот

Сподели

Најилустративниот пример наведен во извештајот доаѓа од врвот на власта односно случајот со Васе Анакиев, директор на Државниот инспекторат за земјоделство кој се сомничи дека примил поткуп од 50.000 евра како прва рата од вкупно побарани 100.000 евра, скриени под седиште во автомобил.

„Според информациите од МВР, осомничениот, во својство на службено лице, преку шпедитер индиректно побарал поткуп од сопственик на фирма што се занимава со увоз. Поткупот бил барањe за да се овозможи непречен увоз на стока за која биле наведени забелешки и наводна законска несогласност, за што бил изготвен и записник од Инспекторатот“, пишува во Извештајот на ТИ.

Ништо помалку алармантно не е и во Државниот инспекторат за градежништво кој осум години нема директор, соодветен број инспектори, а со тоа нема ниту функционален надзор.

„Нема кој да врши инспекциски надзор во градежништвото, бидејќи последниот инспектор кој работел на тоа исполнил услови за пензија на крајот на 2025 година. Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам веќе осма година го води в.д. директор кој треба својата работа да ја заврши за шест месеци, а на негово место да биде назначен директор со решение. Општините речиси и да не реагираат на неправилностите од извршените редовни и вонредни инспекциски надзори, а општинските инспектори често не ги гледаат неправилностите на терен“, се нотира во Извештајот за март 2026 година.

Од ТИ алармираат и на податоците од извршените ревизии од страна на Државниот завод за ревизија (ДЗР), а се однесуваат на Министерството за односи меѓу заедниците и на Државната изборна комисија (ДИК).

„Државниот завод за ревизија при ревизија во Министерството за односи меѓу заедниците за  2024 година констатирал кусоци на материјални средства, вклучувајќи 30 преносни компјутери, исплата на 61 процент на име плата на вработените без да се обезбедат податоци за нивното присуство на работа и точење нафтени деривати во возила за кои не може да се потврди дека се во сопственост на Министерството. Ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за 2024 година, т.е. за време на претседателските и парламентарните избори, откри серија системски недостатоци во работата на ДИК. Констатирани се низа недоследности – од незаконска распределба на средствата за изборна кампања, преку спроведување на набавки надвор од Законот за јавни набавки, сè до немање соодветни услови за чување на доверливиот материјал“, посочуваат од ТИ.

Оттаму како уште еден „матен“ настан за март 2026 година ги посочуваат соменжите за нестручно и несовесно постапување на судии од Апелацискиот суд Скопје, поради неразумно одложување на судски постапки што резултирало со апсолутна застареност на предмети.

„Работната група констатирала пречекорување на роковите за објавување пресуди, како и неоправдани одложувања на јавни седници по барање на бранителите, со што обвинетите подолго останувале во куќен притвор. Во извештајот е наведено дека ваквото постапување е спротивно на член 405 став 1 од Законот за кривичната постапка, според кој пресудата треба да се објави веднаш по нејзиното изрекување, а ако тоа не е возможно, објавувањето може да се одложи најмногу за три дена“, пишува во извештајот на ТИ.

Од оваа невладина организација не забораат да нотираат и тоа дека пациенти сведочат дека плаќаат мито за да добијат побрза услуга.

„Околу 200 од вкупно 1.240 анкетирани лица, преку телефонско и фокус група истражување, велат дека биле сведоци на корупција во здравствениот систем, но повеќето од нив посведочиле во фокус групите. Најчесто, како што покажува истражувањето на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, од пациентите се барале пари или подароци за побрзо и полесно да добијат здравствена услуга. Ниту еден од анкетираните непријавил ваков случај, бидејќи не веруваат дека институциите ќе го решат проблемот. Дел од нив кои платиле ја добиле услугата, додека кај оние што одбиле, состојбата се влошила“, нотираат од ТИ.

И на сето ова, пишува во Извештајот, институциите „не ги фермаат“ укажувачите, затоа што само една петтина имаат назначено луѓе за пријави од укажувачи.

„Иако укажувачите, или познати како „свиркачи“ се меѓу најефективните за разоткривање на корупцијата и борба против неа, од вкупно 1.320 институции, бројот на оние што имаат овластено луѓе за пријави од укажувачи е 270, што е само 20 отсто. Вкупниот број на вакви назначени луѓе во Македонија во 2025 година бил 280, што значи дека во одредени институции има по двајца или повеќе, додека во поголемиот дел воопшто нема“, се наведува во извештајот на ТИ.

Сепак, барометарот бележи и неколку „бистри“ моменти.

Меѓу нив е почетокот на пренос во живо на седниците на Уставниот суд како чекор кон поголема транспарентност како и отворањето на постапки против 234 советници кои не поднеле имотни листови од страна на Антикорупциската комисија.

„Претседателот на Комисијата, Адем Чучуљ, информираше дека анализата на електронската евиденција покажала дека околу една петтина од советниците во општинските совети не ја доставиле задолжителната изјава, што претставува прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, констатираат од ТИ.

Оттаму како уште еден „бистар“ настан во март 2026 година ја нагласуваат поднесената кривична пријава на Финансиската полиција поранешниот директор на „Комунална хигиена“ Скопје кој според сомнежите овозможил физички лица да стекнат корист од 68.500 евра.

„Управата за финансиска полиција поднесе обемна кривична пријава против поранешниот в.д. директор на Комунална хигиена – Скопје, Сабахадин Рустеми. Тој се товари за три кривични дела злоупотреба на службената положба, фалсификување исправа и проневера во службата – во обид. Според истрагата, се обидел да овозможи противправна корист на неколку лица во вкупен износ од околу 68,5 илјади евра. Во описот од Финансиската полиција се вели дека пријавениот, во текот на 2025 година, само два дена пред истекот на постоечки договор со авторска агенција, набрзина склучил пет договори со физички лица кои биле во вкупен износ од 3.608.708 денари“, заклучуваат од ТИ во најновиот Извештај „Матно-бистро“ за март 2026 година.

 И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ