недела, 14 декември 2025

АПИС: Се злоупотребува евроското знаменце за да се затворат легални објекти за игри на среќа

Вчера истече последниот рок за разгледување на амандмани на Комисијата за европски прашања во Собранието за предложените измени на Законот за игри на среќа. За да се спречи изјаснување на пратениците за последниот амандман за намалување на дистанцата од 500 на 200 метри од образовни институции и да се спасат 10 илјади работни места, претседателот на Комисијата прво ја прекина седницата па ја продолжи за во 18 часот да ја заклучи сесијата без воопшто да спроведе гласање, реагираат денеска од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа – АПИС.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Со ова сценарио се изврши брутална злоупотреба на европското знаменце за да се затворат легалните објекти за игри на среќа. Ако предложените измени на Законот за игри на среќа се скандалозни и противуставни сега и процедурата за нивно донесување станува антидемократска и антиевропска затоа што не постои друг пример во законодавен дом на земја членка на НАТО, која сака да стане полноправен член на Европската Унија, во која се спречува гласање на народни избраници со деловнички акробации, велат од АПИС.

„Го повикуваме Претседателот Стево Пендаровски да си го одржи зборот и да ја преиспита целата хронологија на злоупотреба на ЕУ знамето за овие измени. Да не дозволи заради предизборни калкулации и тој да стане соучесник во ова погубно сценарио. Го повикуваме Евроамбасадорот Дејвид Гир и сите амбасади на земји членки на ЕУ да реагираат и да не дозволат да се злоупотребуваат европските процедури и принципи за спроведување антиевропски и антидемократски сценарија. Евентуалното усвојување на измените во ваква верзија и на пленарна седница, ќе ја врати Македонија во 1990 кога имаше покер апарати зад завеси во кафулиња, диви играчници по подруми во секое маало, државата ќе нема никаква контрола, тогаш младината навистина ќе биде загрозена“, велат од АПИС.

Оттаму апелираат до пратениците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, „пред овие противуставни и скандалозни законски измени да преминат на пленарна седница, многу добро да размислат што евентуално ќе дозволат да се случи“.

„Илјадници Македонци од економски маки ги напуштаат своите родни огништа и си ја бараат среќата во туѓина. Ако се усвојат измените најмалку 35 илјади луѓе ќе станат нови кандидати за иселеници во западните земји. Нашата институционална и демократска борба ќе продолжи. Ќе водиме правни битки, ќе следи иницијатива пред Уставен суд, ќе следат тужби за астрономски отштети кои ќе се прекршат преку грбот на народот. Без егзистенција ќе останат 10 илјади вработени, 54 до 100 илјади други работни места кои се поддржуваат преку легалните игри на среќа ќе доживеат сериозен економски удар, сопствениците на објектите ќе останат без закупнина, банките ќе активираат хипотеки и други гаранции. Државниот Буџет ќе изгуби 280 милиони евра годишен приход што е најмалку пет проценти од планираните државни приходи за 2024“, тврдат од АПИС.

Од здружението велат дека како најголем приватен работодавач, претставници на инвестиции од земји членки на ЕУ, општествено одговорни компании кои во континуитет градат партнерски однос со заедницата, имаат основано право да очекуваат нивниот глас да биде слушнат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ