недела, 14 декември 2025

Апелите не помагаат, за еден ден скопјани потрошиле 140 олимписки базени со вода

Водовод и канализација – Скопје, ја информира јавноста дека и покрај секојдневните апели и преземање мерки, продолжува енормно зголемена потрошувачка на водата, особено во попладневните часови, што во просек изнесува над 350.000 метри кубни (м3) на дневно ниво, што предизвикува нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем. Потрошувачката е предизвикана од неконтролирано трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени. Експертите предупредуваат дека негрижата за водата ќе ги остави скопјани жедни. Податоците на Обединетите Нации (ОН) покажуваат дека околу две милијарди луѓе во светот живеат без вода за пиење во своите домови, а околу четири милијарди луѓе се соочуваат со недостиг од вода во траење од најмалку еден месец во текот на годината.

Објавено на

часот

Сподели

Скопјани во еден ден потрошиле 140 олимписки базени со вода или во просек секој по 664 литри.

„Како последица на сето ова, се соочуваме со прекини на водоснабдувањето на високите зони во делови од градот“, нагласуваат од Водовод и канализација – Скопје.

Потрошувачката е предизвикана од неконтролирано трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени.

Од Водовод и канализација Скопје, апелираат до сите граѓани на градот Скопје на совесно и рационално користење и употреба на водата, како и доколку забележат див приклучок, истиот да го пријават на 02 3073 010, [email protected] или www.vodovod-skopje.com.mk.

„Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје“, посочуваат од Водовод и канализација – Скопје.

Ако се земе дека според податоците од последниот Попис 2021 во Скопје живеат 526.502 жители, тогаш секој жител во просек дневно троши повеќе од 664 литри вода.

Колку за споредба, ако се земе во предвид дека еден олимписки базен со димензии 50 на 25 метри и длабочина од два метри собира 2.500.000 литри вода, а во Скопје биле потрошени 350.000.000 литри тогаш скопјани само во еден ден потрошиле околу 140 олимписки базени со вода, а Градот годишно неповратно губи по 25.200 олимписки базени.

Експертите предупредуваат дека негрижата за водата ќе ги остави скопјани жедни.

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации од 2024 година покажа дека 63.000.000 кубни метри вода се губат годишно во Скопје, што е 43 проценти од вкупно 146. милиони кубици загубена вода за пиење во цела Македонија.

По Скопје, Гостивар и Тетово се втор и трет град на листата по загубата на вода. Во Гостивар годишно се губат речиси 9 милиони м3 вода, а во Тетово по 7 милиони кубни метри вода за пиење. Следно на листата е Кичево со загуба од над 6 милиони, а во Охрид секоја година се губат по 5,8 милиони кубни метри вода за пиење. Најрационални во овој однос, односно со најмали апсолутни загуби на вода за пиење се Могила, Желино, Чашка, Конче и Старо Нагоричане.

Во земјава има 67 снабдувачи со вода за пиење, а 44 проценти од нив во 2023 година покажале негативен финансиски резултат во работењето. Вкупната загуба на овие претпријатија изнесува 255.018.205 денари, односно 4 милиони евра. Најголема загуба, од повеќе од еден милион евра, има кочанското претпријатие, што е точно една четвртина од вкупните загуби на овие претпријатија. Со поголеми загуби се и водоводните претпријатија на Велес, Битола, Скопје и Струга.

Има голема разлика во цената што ја плаќаат граѓаните за потрошената вода. Најевтина вода плаќаат жителите на Боговиње, само 7,50 денари за потрошен кубик, а највисока цена плаќаат жителите на Кочани – дури 48,79 денари за кубик, што е за 6,5 пати повеќе. Кај фирмите, најниска цена за кубик вода плаќаат потрошувачите во Желино – 13,42 денари, додека убедливо најскапа е водата за скопските фирми, дури 68,10 денари за кубик.

Меѓу првите пет општини со најниска цена на водата, четири се од Полошкиот Регион: Боговиње, Теарце, Желино и Врапчиште, додека петта е Росоман. Најскапа вода плаќаат во Кочани, Делчево, Пробиштип и во Берово, како и во Свети Николе.

Од големите градови, водата е најевтина во Тетово, а најскапа во Охрид. Спротивно, охриѓани трошат најмалку, а тетовци најмногу вода месечно. Најмногу вода трошат жителите на Маврово и на Теарце, по 70 кубици месечно, како и на Боговиње, по 40 кубици месечно. Најмалку вода трошат домаќинствата во Старо Нагоричане, само по 2,4 кубици месечно.

Податоците на Обединетите Нации покажуваат дека околу две милијарди луѓе во светот живеат без вода за пиење во своите домови, а околу четири милијарди луѓе се соочуваат со недостиг од вода во траење од најмалку еден месец во текот на годината.

Податоците, исто така, покажуваат дека околу 200 милиони луѓе користат вода за пиење од реките, потоците и од езерата и, според светските експерти, до 2030 година околу 600 милиони би можеле да се соочат со недостиг од вода.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ