Апелациониот суд во Битола донесе решение со кое ја укина пресудата на Основниот суд Битола, наведувајќи дека тужителот не доставил економско вештачење од последното и претпоследното решение за плата, со цел да се утврди дали решението за плата од 22 април 2025 година е неправилно донесено.
Од адвокатскиот тим на СКРМ појаснуваат дека со тужбата поднесена до Основниот суд Битола се барало поништување на решението за плата како поединечен правен акт, а не исплата на парични побарувања од работен однос, поради што, како што наведуваат, економското вештачење не било релевантно за постапката.
„Економско вештачење не може да биде основ за утврдување дали еден акт е во согласност со закон и колективен договор, бидејќи оценката на законитоста на актите и примената на колективните договори е во надлежност на судот, а не на економски вештак“, велат од СКРМ.
Поради наведеното, адвокатскиот тим на СКРМ смета дека решението на Апелацискиот суд во Битола е донесено единствено поради нестручно и несовесно работење, поради што најавуваат дека ќе поднесат претставка до Судскиот совет против апелациониот судија.
Случајот, како што наведуваат, отвора прашања за судската пракса и за улогата на вештачењата во постапки во кои се оценува законитоста на поединечни правни акти.






