Како што информираа од Апелацискиот суд, кривичниот совет едногласно одлучил да ја одбие жалбата на осомничениот Љупчо Пецов од Неготино и го потврдил решението на Основниот кривичен суд Скопје со кое е одбиен предлогот за укинување мерка притвор и определување мерка–гаранција.
„Со тоа, во сила останува мерката притвор определена по сите основи од член 165 став 1 точки 1, 2 и 3 од Законот за кривична постапка, сметано од денот на пронаоѓањето и лишувањето од слобода на осомничениот. Понудената гаранција во услови кога мерката притвор е определена и опстојува и по основот од точка 2 од член 165 став 1, дека постои основан страв дека ќе ги сокрие фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или ако особени околности укажуваат дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците вештаците соучесниците или прикривачите, не е дозволена и како таква законски не била предмет на разгледување и одлучување од страна на советот на овој суд“, се наведува во соопштението од Судот.
Оттаму уште информираат дека решението било донесено на 2 декември годинава и по завршување на жалбената постапка е доставено до Основниот кривичен суд Скопје на 11 декември 2025 година на понатамошно постапување.
„За сѐ останато што е во интерес на јавноста, а врзано за конкретниот предмет, одлуката со образложени причини за истата, ве известуваме дека ќе биде објавена во целост и достапна на веб страницата на судот, согласно Законот за управување со движењето на предметите во судовите“, велат од Апелацискиот суд Скопје.
Случајот „Синџир“ се однесува на организиран криминал за даночно затајување и оштетување на државниот Буџет за осум милиони евра. Во него беа обвинети 41 физичко и правно лице. Дел од нив склучија спогодба со Обвинителството и беа осудени и на затворски и на парични казни.
Љупчо Пецов, познат под прекарот Ѓаволот, е обвинет како еден од организаторите на шемата на даночно затајување, но за него постапката беше прекината бидејќи е во бегство.
Овој предмет стана повторно актуелен откако вчера, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага во која е приведен поранешниот државен правобранителот Фехми Стафа осомничен за примање поткуп од 50.000 евра.
Како што информираа вчера и ОЈО ГОКК и МВР, во периодот од октомври до 13 декември 2025 година осомничениот примил вкупен износ од 50 000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание за да интервенира кај судија во Апелацискиот суд Скопје и со поткуп на судијата да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.
Иако неофицијалните информации говорат дека станува збор токму за Пецов, сепак ниту од ОЈО ГОКК ниту од МВР не го потврдуваат идентитетот на притвореникот за кој требало да биде даден поткуп.
Засега нема одговори ниту на прашањата кој е судијата на кого требало да му биде даден поткуп, дали тој побарал поткуп или само му бил понуден поткупот и дали воопшто му биле дадени дел од парите со кои бил фатен Стафа, Уште не се знае ниту зошто само на еден судија требало да му биде даден поткуп и дали тоа значи дека од неговиот глас зависела одлуката за укинување односно неукинување на мерката притвор, дали на судијата му бил понуден и даден откуп пред да бидат земени парите или откако Стафа веќе ги зел парите. Останува и непознаница кој го пријавил случајот и зошто ако е приведен барателот на поткуп зошто не е приведен и тој што дал поткуп, евентуално и судијата кој побарал односно ако побарал.
Сите овие прашања МКД.мк денеска ги упати до ОЈО ГОКК и по добивањето на одговорите истите ќе бидат објавени.






