понеделник, 29 декември 2025

Апел од Владата и ССНМ да се почитуваат препораките и да се отстранат фото и видеоматеријалите од погребите

Упатуваме апел до медиумите кои емитувале видео и фото материјали од погребот на жртвите спротивно на препораките да ги отстранат содржините и да не ги шират, се вели во реакцијата на Владата. И Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија го осуди неетичкото известување на дел од медиумите од денешните погреби на жртвите од трагедијата во Кочани. Се работи главно за српски и хрватски медиуми.

 

Објавено на

часот

Сподели

„Во овие тешки моменти, уште еднаш го повторуваме упатениот апел до медиумските екипи кои присуствуваат на денешниот погреб на жртвите од трагичниот пожар кој настана во кочанската дискотека да се придржуваат до етичките принципи.

Најголем дел од медиумите не емитуваат и шират фотографии и видеоматеријали од семејствата на настраданите, а оние кои објавиле такви содржини уште еднаш апелираме да се придржуваат до етичкото информирање.

Чувствителноста на трагедијата и личната болка на семејствата во овој момент не треба да биде мета на сензационализам, емотивни наративи, фотографии и видеа. Ги повикуваме медиумите да ги почитуваат приватноста и достоинството на семејствата и во никој случај со медиумското известување не треба да се предизвика лично вознемирување и вознемирување на јавноста. Уште еднаш упатуваме апел до медиумите да пренесуваат проверени факти, да избегнуваат шпекулации и дезинформации, да ја запазуваат приватноста на семејствата на жртвите“, се вели во реакцијата на Владата.

И Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија го осудува неетичкото известување на дел од медиумите од денешните погреби на жртвите од трагедијата во Кочани.

„И покрај сите предупредувања и договорениот безбедносен протокол и насоки за етичко известување од погребот на жртвите од трагедијата во Кочани денес е забележано нарушување на основниот кодекс за почитување на приватноста на погодените, што беше опфатено и во протоколот кој со направија Владата, ССНМ и ЗНМ.

Главнината од домашните медиуми, со неколку отстапки, го почитуваат договорот, се придржуваат до насоките и информираа коректно, но неколку странски медиуми се обидоа да привлечат гледачи и читатели на најнепримерен начин.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги осудува постапките на дел од медиумите и смета дека со начинот на информирање (преноси во живо) ги нарушија стандардите за етичко новинарство и дополнително ја зголемија болката кај погодените, но и кај публиката.

ССНМ уште еднаш ги замолува претставниците на медиумите, и во следните денови на жалост, да ја остваруваат својата основната улога, да информираат, но да бидат внимателни со чувствата на граѓаните и да ги почитуваат етичките кодекси“,  реагира синдикатот на новинарите.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ