недела, 8 јуни 2025

Aпел на НП Шар Планина, намалени се природните извори на храна на мечките, потребни се јаболка и пченка

Националниот парк Шар Планина бара граѓаните да помогнат со донирање јаболка и пченка со цел да се изврши прихрана на мечките поради намалени природни извори на храна во подрачјата што се нивно природно живеалиште.

Објавено на

часот

Сподели

Се бараат доброволни донации на јаболка и пченка од домашно потекло, со цел хранењето да биде што е можно послично на природната исхрана на мечката (Ursus arctos), која претежно е растително базирана.

„Во последните две недели, сè почесто се бележат случаи на приближување на мечки кон населени места во регионот на Националниот парк Шар Планина. Овој феномен е резултат на намалени природни извори на храна во подрачјата кои се нивно природно живеалиште. За да се намали ризикот од несакани средби со луѓе и да се помогне за здравјето и безбедноста на овие важни жители на нашата планина, започнуваме иницијатива за симболична прихрана на мечките, на оддалечени и безбедни локации, далеку од населени места и планинарски патеки“, соопшти јавната установа Национален Парк Шар Планина.

Дистрибуцијата на храната ќе ја извршува Управата на Националниот парк, во соработка со волонтерска служба, во согласност со Програмата за заштита, одгледување и управување со дивечот (2023–2033), каде што се препорачува симболична прихрана како метод за следење и заштита на дивечот.

„Преку оваа акција ќе се спречи несакано приближување на мечки до населени места, ќе се помогне во зачувување на нивната природна навика за исхрана, ќе се овозможи мониторинг на нивната бројност, здравје и старосна структура. Прифатливи се само јаболки и пченка од домашно производство, без хемиски третмани“, информираат од НП Шар Планина.

Доколку некој сака да помогне во логистика или да донесе храна, тоа може да го направи во просториите на НП Шар Планина во Тетово, во објектот каде што беше почетната станица за жичарницата до Попова Шапка, секој работен ден од 8-16 часот или на  телефонскиот број 072 239 122.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ