петок, 5 декември 2025

Апасиев закажа седница на Постојаната анкетна комисија по претставка на Здружението „16 март 2025 година“

Претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права и пратеник на Левица, Димитар Апасиев на денешната прес-конференција информриа дека свика седница анкетната комисија на 9 декември, по поднесена претставка од Здружението на граѓани „16 март 2025 година“ од Кочани, или за јавноста познато како Здружение на родителите на загинатите деца од Кочани.

Објавено на

часот

Сподели

„Оваа прес-конференција ја свикав во својство на претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права, со цел да обзнанам дека оваа комисија како единствена уставно надлежна комисија да постапува по иницијатива, односно претставки на граѓаните. Во случајов, одлучив да закажам седница по повод поднесената претставка од Здружението на граѓани ‘16 март 2025 година’ од Кочани, или за јавноста познато како Здружение на родителите на загинатите деца од Кочани. Сметам дека ова е во највисок јавен интерес и поради тоа седницата ја закажав согласно моите деловнички овластувања, на 9 декември 2025 година, со цел да не се поклопи со распоредот на судења кој што е објавен од судот, бидејќи судењата се чести и симболично 10 декември е Светскиот ден човековите слободи и права, а родителите во нивната претставка се повикуваат токму на правото на живот како највисоко право коешто остана незаштитено ноќта на трагедијата. Оттука, ова мое циркуларно писмо е доставено до сите членови, заменици на Постојаната анкетна комисија и поканети се дополнително собранискиот претседател, потпретседателите, координаторите на пратеничките групи, премиерот, министерот за внатрешни работи, претседателот на Република Македонија и подносителите на претставката. Тоа значи дека и подносителите на претставката ќе имаат право да се обратат на оваа седница“, рече Апасиев.

Тој смета дека со одржувањето на седницата на Постојаната анкетна комисија ќе се постигне тоа родителите да се обратат од Собранието.

„Мислам дека ќе се постигне една институционална бариера да се скрши, а тоа е конечно родителите на тие деца да имаат право да се обратат од Собранието, затоа што тоа досега им беше целосно оневозможено“, рече Апасиев.

Тој појасни дека станува збор за редовна седница на Постојаната анкетна седница, а не надзорна или јавна расправа.

„За да не настане конфузија во јавноста, ова не е надзорна, ниту е јавна расправа, туку е редовна седница. Тоа е специфичен вид на седница на комисијата, кога таа постапува по претставка на здружение или на граѓани. Досега во парламентарната историја имало неколку такви случаи на постапување. Оттука, не е ништо ново, комисијата да постапува по поднесена претставка. Минатиот пат беше за надзорна и сè уште водиме управен спор со спикерот Гаши кој бил во право. Не! Сега одиме со редовно закажување на седница со гласање на дневен ред. Доколку власта не дојде и нема кворум за работа, тогаш седницата ќе биде прекината. Ние како пратеничка група со шест пратеници, имаме право на по еден претставник во двете комисии – и во таа каде што ние сме иницијатори и во другата ние ќе учествуваме. Јас очекувам да се формираат и двете анкетни комисии веќе на наредната пленарна седница“, изјави Апасиев.

На прашањето дали иницијата на власта за анкетна комисија ќе биде ставена на Постојаната анкетна комисија со која тој раководи, Апасиев појасни дека таа ќе биде посебна анкетна комисија, додека неговата е постојана, како редовно работно тело.

„Таа ќе биде ад-хок комисија, која треба за 45 дена или два месеци да заврши со квазиистражни функции. Бидејќи ние по закон и деловник не смееме да истражуваме како Јавното обвинителство, но можеме да лоцираме политичка одговорност. Значи, мојата комисија, со која јас претседавам е Постојана анкетна комисија и таа редовно си работи без оглед на овие две, а овие две – едната од ВМРО-ДПМНЕ и другата од опозицијата се посебни анкетни комисии кои се ад хок- тела и кои сè уште не се формирани. Има само иницијатива“, рече Апасиев.

Тој истакна дека досега тие како опозиција направиле напори иницијатива за одржување на анкетна комисија за трагедијата во Кочани, но како што посочи, наидувале на затворени врати и неразбирање.

„Тоа е поради системската грешка во деловникот, а тоа е дека власта го има мнозинството во овие анкетни комисии, а опозицијата да го има претседавачкото место. Затоа и се неуспешни. А зошто се должеше? Само да ве потсетам дека ние досега имавме три неуспешни обиди и затоа водиме управен судски спор со спикерот за да го ставиме ова на дневен ред. Уште пред две седници, а потоа имаше и други иницијативи, но спикерот успешно цело време ги саботира под диригентската палка на пратеничката група на ДПМНЕ. Потоа фатија изборите кога Собранието два месеци не заседаваше. Инаку, иницијативата е поднесена во јули, а во август ја проследив. Изготвив и посебна информација каде што барам да се стави на пленарна седница, но сè уште не е ставена и е игнорирана. Така што, напори се направени, барем од нас како опозиција, но секогаш наидуваме на затворени врати и неразбирање. Јас се надевам дека власта сега ќе се надмине, барем морално и дека од оваа ќе излезе плодна дискусија, затоа што во заклучоците коишто ќе ги предложиме по исцрпувањето ќе предложиме и законски измени, а не само лоцирање на политичка одговорност. Правната одговорност веќе си тече во судот. Ние таму не можеме да се мешаме“, рече Апасиев.

Информира дека нивната иницијатива за анкетна комисија за Кочани која беше вратена од спикерот Гаши, веќе ја доработиле и ја спровеле до пленумот.

Апасиев истакна дека не се согласува со констатацијата на професорот Борче Давидовски дека во случај кога веќе е почнат судски процес – парламентот нема право да расправа.

„Не е точно. Напротив, парламентот има секогаш има право да лоцира политичка неправна одговорност и токму тоа се обидуваме да го сториме“, рече Апасиев.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ