Како што соопштија од партијата, во рамки на одбележувањето на јубилејните 80 години од победата над фашизмот, Апасиев денеска одржал говор во Паркот на победата во Москва, каде што истакнал дека Левица се бори против историскиот ревизионизам и ги брани вредностите на антифашистичката борба.
„Нашите дедовци, партизаните, се бореа рамо до рамо со народите на Советскиот Сојуз против заедничкиот непријател. Во борбата против фашизмот бевме обединети и таа солидарност е основа на нашата историска поврзаност, која сме должни да ја зачуваме, рекол Апасиев“, се наведува во соопштението.
Во контекст на современата меѓународна нестабилност, се додава, особено е важно да се зачува историската вистина и да се спротивставиме на обидите за историски ревизионизам.
„Победата од 1945 година е победа на антифашизмот и победа на човештвото. Наша должност е да ја пренесеме оваа вистина на идните генерации, да го зајакнеме мирот заснован на почит, еднаквост и солидарност меѓу народите“, потенцирал Апасиев во својот говор.
Во рамките на посетата, претседателот на Левица, Апасиев и Симонов, како што е најавено, ќе остварат средба со пратеници на КПРФ во Државната дума на Руската Федерација. Посетата ќе трае до сабота, а утре, најавуваат од Левица, ќе присуствуваат на главната воена парада во Москва, по повод одбележувањето на Денот на победата над фашизмот.