„Анкетната комисија ќе има за цел утврдување на одговорност на функционери, носители на јавни функции и други поврзани лица, како и да ги утврди околностите за постапувањето на институциите за следните трагедии/несреќи: – пожарот во објект – ноќен клуб/кабаре во Кочани; пожарот во модуларната болница во Тетово; сообраќајната несреќа на „Дурмо турс“ во Ласкарци и сообраќајната несреќа на „Беса транс“ во Бугарија.
77 – те потписи се доказ дека ние не сакаме да ги политизираме овие трагични настани, туку сакаме да помогнеме засегнатите да добијат правда.
Сите прашања мораат да бидат одговорени, а сите случаи треба да го добијат неопходниот епилог“, изјави денеска Бојан Стојановски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Според предлогот, анкетната комисија ќе се формира врз основа на член 124, став 5 од Деловникот на Собранието и да ја сочинуваат 15 членови и нивни заменици, од кои седум членови ќе бидат предложени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, два од пратеничката група СДСМ, два члена од пратеничката група Европски фронт, два члена од пратеничката група на Вреди, еден член од пратеничката група на ЗНАМ и еден член од пратеничката група на Левица. Предложено е со комисијата ќе претседава пратеник од редовите на опозициските партии.
Стојановски јавно ги повика пратениците и од другите политички партии да се приклучат кон оваа иницијатива и активно да придонесат во нејзината работа, се со цел да направиме вистински чекор напред кон поправедна држава.
Денеска претседателот на Собранието Африм Гаши информираше дека на редовната средба со координаторите на пратеничките групи е констатирано дека предлог одлуката за основање на анкетна комисија за трагичниот настан во Кочани поднесена од Левица и СДСМ не е уредна поради тоа што тие бараат да имаат мнозинство во Комисијата, а имаат и претседател.
СДСМ и Левица бараат покрај претседател, СДСМ и ДУИ да имаат по четворица пратеници, ВМРО-ДПМНЕ тројца, Вреди двајца, а ЗНАМ еден.






