„Пожарот избувна во 10:30 часот. Најпрво имаше пожар во селото Николиќ, но за жал, сега е проширен. Избувна на самата депонија, а има индиции дека е подметнат. Во неговото ширење помага и ветерот. Веќе трет час чекаме помош, но помош нема. За жал има зафатено и неколку куќи во Стар Дојран. Засега жртви нема. На терен е и полицијата, брза помош, но неопходна ни е воздушна поддршка“, изјави градоначалникот Ангов.
Во меѓувреме, од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека на помош дошол хеликоптер кој полни вода од Дојранското езеро и го гаси пожарот.
Претходно директорот на ЦУК, Стојанеч Ангелов информираше дека се врши евакуација на локалното население и засега нема повредени лица.
Заменик генералниот директор на „Национални шуми“, Кире Михаилов побара пожарникарните служби од околните градови да помогнат во справувањето со огнот.
„Дојранската депонија била заклучена и оставена без чувар и запалена, а поради тоа противпожарните екипи не биле во можност да влезат веднаш во депонијата и да го спречат пожарот да се прошири кон Карабалија, а поради ветерот огнот опасно се доближува кон Стар Дојран и е надвор од контрола“, изјави Михаилов.






