На состанокот, како што соопшти централната банка, било посочено дека Народната банка ќе продолжи да работи на одржување на макроекономската стабилност и на надминување на предизвиците во сите области на дејствување, заради овозможување усогласеност со европските стандарди.
Соговорничките разговарале и за натамошните активности во доменот на пристапувањето кон СЕПА, со што им се овозможува на домашните банки, и покрај тоа што не сме членка на ЕУ, да пристапат до европските платежни системи.
Гувернерката посочила дека централната банка, заедно со банкарскиот сектор работи на обезбедување целосна подготвеност за интегрирање во СЕПА до октомври 2025 година, што е првиот можен датум за влез на банките од земјите од Западен Балкан.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска ја запознала директорката Суперти со последните макроекономски показатели коишто упатуваат на зајакната макроекономска стабилност и зајакната стабилност на банкарскиот систем.
Соговорничките искажале задоволство од спроведувањето на проектните активности на Народната банка со поддршка од ЕУ за усогласување со највисоките европски стандарди и регулативи и заложби за продлабочување на соработката.