Тој на прес-конференција информира дека денеска се регистрирани вкупно 15 пожари на отворено, од кои девет се активни, а шест се ставени под контрола. Се уште најтежок за гаснење е пожарот кај Готен, но тешки се и оној над селото Ќосевица кај Македондска Каменица, каде делумно е зафатена борова шума и има капацитет да се равзие, како и пожарот во Чашка кај селото Ореше каде гори ниска вегетација, но и букова шума.
Ангелов соопшти дека пред малку Словенија и Франција испратиле понуди за помош од тимови со по 50 пожарникари и специјални возила за гаснење пожари. Понудите се разгледуваат и дополнително ќе се одлучи како ќе се постапи.
„Температурите иако се намалија, се уште се погодни за пожари. Граѓаните да бидат исклучително внимателни и да го пријават секое сомнително поведение“, порача Ангелов.
Вчера имало најмалку 51 пожар на отворен простор. Бројката, оцени директорот на ДЗС, е алармантна, а причините се веќе спомнати во повеќе наврати.
„Дел од пожарите се предизвикани поради небрежност на граѓани, но за повеќето имаме индиции, па и докази дека се намерно подметнати. Мотивите се различни, економско-криминални. Некој се надева дека ќе може да ја сече изгорената шума. Постојат и патолшки мотиви – пиромани, но тие не би запалиле оган до населено место каде би биле видени, фатени, снимени,… Дел од подметнувањата се во делови со неквалитетна шума и тука нема логично објаснување, па за мотивите може да се претпоставува“, рече Ангелов.
Тој уште еднаш апелира да се исчисти околината на селските куќи и викендиците, да се изораат дворовите и да се направи земјен појас, без вегетација.






