вторник, 3 март 2026

Ангелов реагира на најавата за протест на Ахмети: Воени злосторства не се бранат со протести

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, преку објава на Facebook вчера повика на протест, кој ќе се одржи денеска, 13 декември, во 13 часот, на плоштадот Скендербег во Скопје, со слоганот „Јас сум УЧК“.

Објавено на

часот

Сподели

Ахмети наведува дека протестот има цел барање правда и отфрлање, како што посочува, на измислените обвинувања на Србија и Русија додавајќи дека протестот е израз на почит кон жртвите и одбрана на, како што вели, вистината за историјата.

„Слободата има име, УЧК. И ова име останува дел од нашиот национален идентитет и достоинство“, напиша Ахмети повикувајќи на заедничко и одговорно учество.

Поддршка за протестот дадоа повеќе политички фактори од партискиот албански блок во земјата. Протестот се организира во знак на поддршка за поранешните водачи на УЧК, на кои им се суди за воени злосторства во Хаг.

На денешната најава за протест од страна на Али Ахмети, со реакција се огласи Стојанче Ангелов, кој порача дека сите припадници на УЧК кои извршиле воени злосторства треба да одговараат согласно меѓународното право, вклучително и оние кои во 2001 година извршиле воени злосторства во Македонија.

„Апсурдно е да се бара ослободување на какви било злосторници, без разлика дали се осомничени, обвинети или осудени, за воени злосторства опфатени со меѓународното право“, истакнува Ангелов.

Тој оценува дека ваквиот протест, повеќе од сигурно, нема да го поколеба Судот во Хаг, поради што се наметнува прашањето која е вистинската, скриена агенда зад неговата организација. Особено, како што наведува, останува нејасно зошто протестот се одржува токму во Скопје – дали станува збор за случајност, за неможност истиот да се одржи на друго место или, пак, за однапред осмислено сценарио за напад врз актуелната власт.

Според Ангелов, мета на ваквите активности се владејачкото ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како и премиерот Христијан Мицкоски, кој, како што вели, се покажа како „тврд орев“ за дел од меѓународната заедница.

Тој додава дека станува збор за перфиден обид за притисок кој го става и албанскиот коалиционен партнер во власта во незавидна позиција – доколку не излезе на протест, се зајакнува ДУИ, а доколку излезе, се создава терен за ослабување на власта и евентуално враќање на ДУИ на власт.

Ангелов предупредува и дека можноста за разгорување на меѓуетничката нетрпеливост и нарушување на и онака кревката меѓуетничка доверба, за ДУИ доаѓа како дополнителен политички бенефит.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ