Министерот Андоновски, како што соопшти неговиот кабинет, во своето обраќање пред десетиците министри, експерти и учесници, нагласил дека носењето на првиот закон за сајбер безбедност во земјата и неодамна донесената Национална сајбер стратегија, претставуваат клучен чекор во јакнењето на институционалниот и технолошкиот отпор кон хибридни закани и дигитални ризици.
„На градењето на сајбер-капацитети пристапивме не само како технолошко прашање, туку како прашање на национален развој. Тоа значеше да се направат три работи: вградување на сајбер-безбедноста во поширокиот контекст на дигитална трансформација како аспект без кој не се може, второ – широка институционална поставеност во носењето на клучните политики. Со тоа овозможивме никој да не се чувствува оттуѓено, туку дека ова е закон и стратегија за секој од нас. И трето вклучување приватниот сектор и меѓународната заедница, не врз база на еднократен проект, туку како партнери“, истакнал Андоновски.
Тој посочил дека за мала, но решителна земја како Македонија, потребна е системичност наместо фрагментација.
„Овие мерки се однесуваат не само на подобрување на националната безбедност, туку и на забрзаното прилагодување на економијата на дигиталната ера, која ќе ја направи земјата подготвена за идните глобални предизвици“, нагласил Андоновски.