понеделник, 23 февруари 2026

Андоновски: „Роаминг како дома“ до крајот на годината

Во текот на оваа година може да се очекуваат најмалку 20-30 целосно дигитализирани услуги, со приоритет на пријавување новороденче и издавање прв извод од Книгата на родените за помалку од 48 часа од пријавувањето, услуги во доменот на енергетиката и Фондот за здравство, како и услуги за компаниите – најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Објавено на

часот

Сподели

„Очекувам во текот на пролетта да почнеме со уште еден проект преку европската ИПА-програма, со кој ќе дигитализираме уште една поголема група услуги, кои граѓаните ги сметаат за најкористени. Паралелно, работиме и на подобрување на електронската достава (е-сандаче), а многу бргу граѓаните ќе почнат да ги користат терминалите за услуги, кои ќе бидат поставени на фреквентни локации, најмногу во Скопје“, потенцира Андоновски во интервју за „Скопјеинфо.мк“.

Како приоритет за оваа година, Андоновски го посочува почнувањето на проектот за поставување на Центарот за вештачка интелигенција „Везилка“ и изградбата на голем јазичен модел на македонски јазик, што според него ќе донесе системски напредок во примената на вештачката интелигенција во јавниот сектор.

„Тоа мора да биде придружено со поголема активност во привлекување странски инвестиции во висока технологија, вештачка интелигенција и центри за податоци“, додава Андоновски.

Тој во интервјуто нагласува дека денес имаат над 260.000 корисници на Националниот портал за услуги (во споредба со само 100.000 во 2024 година) и раст од повеќе од 150 проценти на искористеноста на е-услугите и трансакциите на платформата за интероперабилност. Исто така, посочува дека донеле јасна национална ИКТ-стратегија со план до 2030 година, реализирале десетици проекти, отвориле центри за услуги во 15 града и предложиле и донеле закони. Потенцира и дека први ги реализирале сите обврски од реформската агенда, со што обезбедиле повеќе од 20 милиони евра од ЕУ. Скопје беше домаќин и на најголемиот досега дигитален самит на Западен Балкан пред повеќе од 1.000 гости и учесници, при што, според Андоновски, Македонија повторно е ставена на мапата на дигитално развиени држави.

„Дали очекувањата се целосно исполнети? Јавноста секогаш очекува побрзо, повеќе и подинамично – и тоа е оправдано. Но, реално гледано, темелите се поставени. Сега сме во фаза на забрзување, кое многу зависи и од респонзивноста на другите институции, буџетите и приоритетите на секоја од нив. Често велам дека најмногу време инвестираме во убедување на колегите какви придобивки носи дигитализацијата во нивниот ресор. Кога една институција ќе почне со дигитализација и ќе го види ефектот, потоа е лесно. Оттука, мојата лична оценка е дека направивме стабилна основа врз која може да се гради модерна, ефикасна и транспарентна администрација. И реално е да сум задоволен од мојот тим, кој се посвети на оваа цел изминативе две години“, оценува Андоновски.

Тој посочува дека е свесен за очекувањата во јавноста, процесот да биде уште побрз и објаснува дека со зголемувањето на бројот на услуги и нивната достапност, растат и барањата.

„И тоа е добро“, вели тој, додавајќи дека тоа го толкува како доказ за голем интерес.

Според него, дигитализацијата, односно дигиталната трансформација, е процес што повеќето од граѓаните, особено помладите, го поздравиле како чекор што го почна државата, главно поради олеснување на пристапот до услугите, како и заштедата на време, ресурси и нерви од бркањето документи на административните шалтери. Со доаѓањето на новата Влада, како што посочува, овој процес беше издигнат на ранг на министерство – со издвојување на информатичкото општество од јавната администрација и негова преобразба во Министерство за дигитална трансформација. Тој објаснува дека поради неуспесите од минатите години, граѓаните биле скептични за ефективноста на новата институција.

„Во првата фаза требаше да изградиме институционален капацитет – тим, систем, стратегија и доверба на институциите во министерството. Истовремено, да ги стабилизираме системите за тие да може да испорачуваат услуги“, вели министерот Андоновски за првите денови по премањето на функцијата.

Во однос на иницијативата „Роаминг како дома“ и усогласувањето со регулативите на ЕУ, министерот рече дека процесот е во напредна фаза. Нагласи дека Македонија го исполнува најголемиот дел од техничките и законските предуслови и е меѓу најподготвените земји од регионот. Сепак, посочи дека имплементацијата е билатерален договорен процес меѓу ЕУ и секоја од земјите на Западен Балкан, како и меѓу операторите.

„Најоптимистичките проекции, доколку процесот се движи според европската динамика, се насочени кон добивање на овој статус кон крајот на 2026 или 2027 година. Нашата цел е јасна: кога граѓаните патуваат во ЕУ – да не плаќаат дополнителни трошоци за разговори и интернет“, вели министерот Андоновски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ