недела, 13 јули 2025

Андоновски од Гдањск: Полска и понатаму ќе биде најголем поддржувач на европската интеграција на Македонија

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во рамки на Дигиталниот самит во Гдањск, имаше работна средба со вицепремиерот на Полска и министер за дигитални прашања, Кристоф Гавковски.

Објавено на

часот

Сподели

На средбата, како што соопшти кабинетот на Андоновски, беше разговарано за тековните процеси и заложби за дигиталната трансформација во двете земји, со посебен акцент на полските искуства во дигитализацијата на јавните услуги и сајбербезбедноста. Двајцата соговорници ја потенцираа важноста од зајакната регионална и европска соработка во оваа сфера.

„Полска и Министерството за дигитализација ќе бидат најголем поддржувач на европската интеграција на Македонија. На крајот на претседавањето со Советот на ЕУ, фокусот на полската влада останува на поддршка на партнерите и пријателите“, изјави министерот Андоновски.

Тој истакна и дека со поддршка од Европската Унија, оваа есен граѓаните на Македонија ќе добијат можност за дигитална лична карта преку мобилна апликација, ова е важен чекор во дигиталната трансформација на општеството.

Средбата претставува потврда на заедничката заложба за интензивирање на билатералната соработка и размена на добри практики.

„Сакаме да бидеме најсилен поддржувач на македонската интеграција во ЕУ, и како ваш традиционален партнер, Полска е подготвена да ѝ помогне на Македонија со експертиза, техничка помош, особено во делот на сајбербезбедноста, но и лобирање и поддршка во европските институции“, изјави вицепремиерот Гавковски.

Важноста на дигиталната трансформација се гледа во тоа што овој сегмент е еден од клучните во Реформската агенда во рамки на Планот за раст на ЕУ, стои во соопштението од кабинето на министерот Андоновски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ