„Постои правилник донесен врз основа на измените на законот од 2023 година, кој стапи во сила пред некој месец, со што се бара задолжителна регистрација на инфлуенсерите, ги слушнав и коментарите на новото Здружение на инфлуенсерите и мислам дека вреди да се дискутира за овие прашања. Да најавам дека можни се и промени затоа што не сметаме дека треба ригидно да бараме од креаторите на содржини да се однесуваат исто како и платформите за споделување на тие содржини, односно да бараме толку високи критериуми од страна на физички лица што повремено или постојано се занимаваат со оваа работа“, изјави Андоновски.
Тој додаде дека инфлуенсерите ги споредува со колумнисти и, како што рече, ако не се бараат високи критериуми за регистрација и еден ригиден пристап кон креаторите на содржина во традиционалните медиуми, не гледа зошто би требало да има и толку ригиден пристап кон оваа група луѓе.
Министерот Андоновски истакна и дека неформалниот водич, кој беше донесен, создал дополнителни недоразбирања.
„Беше донесен и еден неформален документ, наречен водич, кој донесе дополнителна забуна затоа што станува збор за неформален документ кој нема правна важност, а се сфати или се презентира дека е задолжителен за употреба за оваа група креатори на јавното мислење. Тоа создаде дополнително недоразбирање помеѓу едната и другата страна“, рече Андоновски.
Министерот за дигитална трансформација Андоновски денеска од Штип најави средба со Здружението на инфлуенсерите за следната недела, на која ќе се дискутираат сите отворени прашања.
Андоновски денеска од тридневната работилница во рамките на проектот Европска универзитетска алијанса ACE 2 EU, на кoјa се собрани истражувачи од сите девет универзитети членови на алијансата во Штип ,уште кажа дека Владата има системски пристап за употребата на вештачката интелигенција, од еден аспект тоа е подготовката на стратешки документи и вториот аспект изградбата на соодветна инфраструктура.
„Важно е да се отвораат темите како вештачка интелигенција и нејзината употреба. Ние имаме системски пристап за употребата на вештачката интелигенција, од еден аспект тоа е подготовката на стратешки документи, кои значат нејзина правилна употреба во јавниот сектор и вториот аспект изградбата на инфраструктура, што го правиме преку поддршката на големиот проект со ЕУ за формирање на т.н. фабрика за вештачка интелигенција во Македонија, односно поврзување со антена и градење на голем јазичен модел на македонски јазик, кој ќе значи една системска употреба на вештачката интелигенција и во јавниот сектор, но и поддршка за употреба во приватниот сектор. Вакви настани како овој денес се значајни затоа што на една научна основа може да се дискутираат конкретни апликативни проекти за употребата на вештачката интелигенција во јавниот сектор и да видиме како тие во пракса би функционирале и би можеле да се употребуваат“, изјави Андоновски.
Тој истакна дека за да има реална примена во јавниот сектор, потребни се јасна рамка, квалитетни податоци и инфраструктура со конкретна имплементација, не само стратегии на хартија. Забележа и дека Министерството за дигитална трансформација работи на конкретни чекори за системско воведување на AI во јавниот сектор и креирање основа за одговорна и применлива дигитална трансформација.
„Ги потенцирав и конкретните чекори што ги преземаме, а тоа е Националната ИКТ стратегија 2025–2030, подготовката на Националната стратегија за вештачка интелигенција во координација со академијата и институциите, интеграцијата на AI асистент на data.gov.mk, како и иницијативата за Центарот за вештачка интелигенција „Везилка“ за развој на домашни GPU капацитети и модели на македонски јазик“, изјави Андоновски.
Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски, кој е домаќин на средбата, на свеченото отварање на работилницата на која присуствуваат претставници од девет европски универзитет рече дека во наредните три дена ќе работат на изработка на проекти од областа на примената на вештачката интелигенција за паметно управување на општеството или подобро општество за сите.
„Сите овие активности би требало да резултираат со многу нови, детални проекти кои ќе бидат аплицирани во рамки на европските програми. Ваквите настани ќе овозможат зголемување и на научната активност, но и влијание на универзитетите во секојдневниот живот“, вели Мираковски.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов нагласи дека Штип е град кој во минатото бил предвесник на многу промени: Како што рече „потребата од примена на вештачката интелигенција во нашиот град, држава, општество, е евидентна, за да се генерира развој и да се отворат нови можности“.
Сангита Ратнаике, претседател на Ариес инкубаторот на алијансата ACE 2 EU посочи дека целта на тридневната работилница е да се донесат локални експертизи, интегрирани во научни истражувања на универзитети од девет различни држави, а професорите и експертите да се вмрежуваат, соработуваат, потоа презентираат заеднички научни предлози и да развијат заеднички идеи, кои ќе можат да помагаат во решавање на социо-економски и општествени потреби кои ги има локално во Европа.
„Универзитетот Гоце Делчев како еден од партнерите во нашата алијанса, веќе беше партнер во шест проекти, и со овие три дена работилница овде во Штип очекуваме да го зголеми бројот на проекти преку соработката во проектот AI for Society&Smart Governance“, изјави Ратнаике.






