„Јас ветив, оваа година започнуваме со реализација. Ние прв пат ќе донесеме национална стратегија за развој на медиумскиот сектор. Тука се и дилемите коишто ги поставува МИА – Македонската информативната агенција, Македонската радио телевизија, останатите медиуми, онлајн порталите, креаторите на содржини, новинарите. Во овој спектар, за жал, секогаш беше оставено да се решава проблемот кога ќе се појави некој пожар. Преку стратегијата ќе утврдиме кои закони треба да се менуваат, дали треба нов закон за медиуми, за првпат закон за МИА, закон за МРТВ. Тука сум да слушам и да го водиме овој процес колку и да трае. Нека трае и година, две години, да донесеме еден добар текст и да бидеме задоволни од она што ни се случува во медиумската сфера“, рече Андоновски во гостување на Алфа.
Тој додаде дека сега првпат државата ќе ја преземе палката и сама ќе ги договара меѓусебните односи со сите засегнати страни.
„Можеби и нема да ја донесеме стратегијата ако не успееме да се усогласиме. Во ниеден момент нема да влезам во влошување на состојбите во медиумскиот сектор. Имаме многу солидна основа, медиумите кај нас се многу одговорни, многу добро си ја вршат работата. Тоа се гледа најмногу во кризите, се гледа и во оваа криза сега. Немате непристојни коментари, немате недостаток на транспарентност, немате лош однос кон кого било – опозиција, власт, приватен сектор, невладини организации. Тоа е нешто што го гледаме како лоша тенденција во целиот регион. Кај нас функционира многу квалитетно. И мојата задача ќе биде како ова да го кренеме на уште повисоко ниво“, вели министерот за дигитална трансформација.
Тој појаснува дека размислувањето за новата национална стратегија за развој на медиумскиот сектор е поттикнато и од развојот на нови видиви медиуми, но и креаторите на дигитални содржини.
„Можеби постои, би рекол, мискомуникација помеѓу претставници од Владата, претставници од другите институции, креаторите на дигитални содржини, платформите, и се направил еден превид, според мене, во Законот за аудиовизуелни медиумски содржини, каде што не е дефинирано конкретно што подразбираме под тоа што е креатор на дигитална содржина, дали е тоа нешто слично на јутуб, дали ќе го третираме како да е платформа, дали ќе го третираме како да е новинар, колумнист или ќе го третираме како нешто сосема друго, сосема трета или четврта категорија. Ние направивме една темелна компаративна анализа. Европската Унија има полабави рамки и нема некоја тврда регулација. И јас не сакав да се доведам во ситуација ние да одиме и да затвараме определени сектори или да ги угнетуваме толку да не можат да се развиваат во иднина. Знаете, станува збор за млади луѓе коишто решиле животот да го живеат тука, да создаваат нешто тука, да бидат претприемачи, да работат сами, да искористуваат платформи коишто се меѓународни“, рече Андоновски.
Според него, се проширила една една неубава информација дека тие кријат данок, дека не плаќаат данок итн., што, како што вели, е лесно проверливо од УЈП.
„Ако имате договор на дело или авторски договор, секако уплаќате данок. Мислам дека тоа штетен наратив којшто се развива помеѓу институциите, и мојата прва задача беше да ја спуштиме топката за да дискутираме на ниво на правни аргументи, правни прашања и како да поттикнеме овој сектор да биде регулиран, попризнат во законот, препознаен, и потоа да видиме кои се елементите коишто ни се предизвикувачки или за коишто не можеме да се согласиме“, потенцира Андоновски.
Додава дека како министер имал личен предизвик и со онлајн медиумите, интернет порталите, на почетокот на мандатот, и оти тој бил надминат на истиот начин.
„Прво седнавме на иста маса, видовме кои се заедничките сврзни точки, видовме дека немаме ништо против едни други, Владата, медиумите, онлајн медиумите, новинарите. Најдовме решение коешто е заедничко, и тоа решение еве денеска после една година одлично функционира. Никој не нашол замерка дека има проблем со функционирањето на измените на Законот за медиумите. Така исто ми е планот да го направиме и со Законот за аудиовизуелни медиумски услуги. Да се движиме во рамката на ЕУ, во секој случај да најдеме начин како да го регулираме овој пазар, да не ни се случуваат штетни информации или штетни содржини за деца, да не ни се случува повикување на насилство, на криминал итн., да се препознаат инфлуенсерите или креаторите на содржини и ако се дел од некаков регистар, да бидат заштитени, препознаени дека навистина тие се легитимни и легални. И во исто време АВМУ, да може да прави еден вид на мониторинг на нивното работење “, вели министерот.
Потенцира дека во ова дигитално време не е поборник на решенија коишто се ригидни, затоа што, како што вели, тие не дозволуваат напредок.
„Толку брзо се менува содржината, толку брзо се менува овој сектор, што законот којшто ќе го донесете денес веќе утре е застарен. И затоа сум за решение кое што меко ќе ја регулира во рамка оваа ситуација, а ние со подзаконски акти, со кодекси, со меѓусебно договарање, со правилници ќе успеваме да наоѓаме заеднички јазик којшто ќе значи подобрување на сферата. Разговаравме неколку пати и со креаторите на содржини и со АВМУ. Можам да кажам дека ќе работиме на определени измени во Законот за аудиовизуелни медиумски услуги во насока токму оваа да ги препознаеме, да дадеме точна дефиниција, а потоа да видиме кој е начинот на нивна регистрација и на кој начин тие ќе бидат препознаени. Ова треба да се сфати како отварање на уште една порта за комуникација со јавноста. Да видиме уште еден медиум до којшто граѓаните ќе имаат пристап. Мене ми е криво што ние немаме или многу се ретки македонските платформи. Па ние да можеме со нив да дискутираме, кои содржини ќе ги дозволуваат, кои нема да ги дозволуваат, што ќе биде гледано, што е соодветно, за која возраст. За жал, тоа го го немаме “, вели Андоновски.
Како мала држава, додава тој, многу е тешко да се влезе во дискусија со светските платформи или, како што нагласува да натерате еден Тикток или еден Снепчет, како да се однесува на македонскиот пазар.
„Заради тоа мора да работиме директно со креаторите на содржини на македонски јазик. Тие имаат една интересна поента, јас ќе ја искористам. Велат, ако вие нас нè регулирате до степен да не постоиме, тогаш нема да има содржина на македонски јазик. Но, тоа не значи дека младите луѓе нема да отворат некоја од овие алатки и нема да гледаат некој бугарски, српски, грчки или некој друг албански или некој друг инфлуенсер или креатор на содржини“, појаснува министерот за дигитална трансформација.
Смета дека особено претставниците на овие здруженија се позитивни луѓе коишто сакаат да најдат решение. Од АВМУ, вели, гледаат исто расположение да се најде соодветно европско решение.„Ние ќе се потрудиме да го водиме овој процес, да го разрешиме и ова прашање, затоа што ни стои најмногу како поле коешто е во сива зона. Не е противзаконско, не е ни озаконето, нема никаква заштита, нема никаква контрола. Заради тоа мислам дека треба да одиме кон решение и тоа ме води кон поголемата тема за стратегијата за медиуми“, изјави министерот Стефан Андоновски.






