сабота, 12 јули 2025

Андоновски: Ги забранивме нелегалните игри на среќа, постигнавме исчекор во дигиталната трансформација

Преземавме конкретни чекори и постигнавме значаен исчекор во дигиталната трансформација. Како држава првпат добивме Закон за сајбер безбедност. Ги забранивме нелегалните игри на среќа и сега Владата работи на нов Закон за игри на среќа, кој ќе гарантира дека игрите на среќа претставуваат игра, а не зараза и порок за граѓаните, порача денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на панел-дискусијаta по повод една година Влада – „Ги градиме темелите на промените. За твоето време кое доаѓа“.

Објавено на

часот

Сподели

Тој посочи дека првото нешто за кое се зафатиле да работат по доаѓање на власт, е реформската агенда.

-Нешто за што прво се зафативме да работиме беше реформската агенда. Со донесувањето на четирите закони во Собранието кои што произлегоа од Министерството за дигитална трансформација – Законот за сајбер безбедност, Законот за електронски комуникации, Законот за електронски документи и Законот за архивско работење или за електронска архива, ние успеавме да ослободиме 19 милиони евра средства од ЕУ, од кои што повеќе од 5 милиони евра се грант и на дело покажавме што значи примена на европски вредности и европски стандарди во функционирањето на државата, рече Андоновски.

Тој додаде дека за една година ја донесоа и Националната стратегија за сајбер безбедност, што како што рече, „не става вистински на мапата на предводници на европските реформи во Македонија“.

-Она што граѓаните го чувствуваат, се 120 нови електронски услуги и редизајниран национален портал. Тоа се услуги за сите граѓани. Не биравме кои услуги ги користат кои граѓани и на кој дел од државата. Отворивме центри за услуги поблиску до граѓаните и погодностите ги почувствува секој граѓанин од дигитализацијата. Приклучени се над 20 нови институции на платформата за интерперабилност. Апсурд претходно беше кога кажуваа дека воведуваат дигитализација, а потоа не тераа повторно истите документи да ги вадиме во хартиена форма. Зошто, кога можеме да ги користиме како целосно валидни, како и секаде во светот. Тие имаат електронски потпис и електронски печат. Ова е нешто што го направивме од 1 јануари, секој документ од национален портал да биде целосно валиден, рече Андоновски.

Министерот говореше и за нелегалните игри на среќа, кои како што подвлече, се забрануваат со цел да се заштитат граѓаните од сајбер напади.

-Со одлука на Влада, можеби порадикална, но сепак ги забранивме нелегалните игри на среќа. Со последната одлука, повеќе од 220 страници се забранети и ќе продолжиме во оваа насока, затоа што граѓаните, особено младите треба да бидат заштитени на интернет, рече Андоновски и додаде.

Како што потенцираше, прво ја изработиле Националната стратегија за сајбер безбедност кон крајот на 2024 година и потоа пристапиле кон донесување на првиот Закон за сајбер безбедност, којшто е целосно усогласен со европската регулатива и барањата на нашите НАТО партнери.

Министерот информираше дека Владата работи на нов Закон за игри на среќа и го најави дигиталниот Самит на Западен Балкан, кој што во октомври ќе се одржи во Скопје.

-Ќе се работи на малку поцврсто регулирање на овие прашања и недозволување на башибозукот кој што беше дозволен во минатото, за да гарантираме дека тоа претставува игра, а не претставува зараза и порок за граѓаните. Го организираме дигиталниот Самит на Западен Балкан, Скопје ќе биде средиштето на дигитализацаија во октомври, но првин на 2 октомври ќе ја промовираме апликацијата која што планираме да биде владина супер апликација, рече Андоновски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ