среда, 11 февруари 2026

Андоновски: Државата не планира ограничувања на социјалните мрежи за младите

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека државата не планира ограничувања на социјалните мрежи за младите, но оти може да се отвори јавна расправа ако има интерес од родителите. 

Објавено на

часот

Сподели

На новинарското прашање Андоновски денеска рече дека нема да се оди во правец на ограничувањето на личните слободи и оти тоа треба да биде последна мерка во можностите, а прва мерка се превенција и родителска контрола.

Според Андоновски, опасноста е многу голема кога државата ќе реши да забранува одредени алатки за определена група луѓе.

Министерот потсети дека минатата година во сите училишта претставен е начин на контрола, преку кој родителите може да контролираат кои апликации нивните деца може да ги имаат на своите мобилни телефони и другите уреди, колку време може да поминат со нив и кои содржини смеат, или не да ги следат. Доколку постои зголемен интерес и страв од родителите, Андоновски остава простор да се дискутира.

„Сметавме дека ова е начин да ги превенираме опасностите од интернетот, а контролата да ја задржат родителите, а да не ја преземе државата. Тоа е контролата на алатки кои се исклучително приватни. Ги користат родители, деца и би било мешање на државата во домашните работи на секое семејство. Но, доколку постои зголемен интерес од родителите и доколку постои зголемен страв, оставаме простор да продискутираме за тие прашања. Зошто да не направиме и една јавна расправа и анкета за да видиме каков е интересот и какво е размислувањето на родителите“, изјави министерот Андоновски.

Не бегаме, дополни тој, од тоа да се менува законот за да имаме ваква можност, но опасноста е многу голема кога државата ќе реши да забранува одредени алатки за определена група луѓе. Така, отвораме врата за државата утре да си дозволи да забранува и тоа да биде спротивно на слободата на говорот, спротивно на слободата на изразување, зашто државата решила дека некаква алатка треба да забрани. Тоа треба да го чуваме како последна мерка во можностите, а прва мерка се превенција и родителска контрола“,  рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски,  при посетата на прилепското Основно училиште „Кире Гаврилоски -Јане“ каде беше заокружен проектот за воспоставување Центар за побезбеден интернет во Македонија, поддржан од дигитална Европа и од Европската Унија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ