петок, 6 февруари 2026

Амфитеатарот во новосадски институт ќе го носи името на македонскиот научник Васко Саздовски

Во новосадскиот институт „БиоСенс“, денеска официјално беше отворен амфитеатар именуван по македонскиот научник Васко Саздовски, научен истражувач во институтот кој загина во падот на бетонската настрешница на железничката станица на 1 ноември 2024 година.

Објавено на

часот

Сподели

„Со именувањето на амфитеатарот по д-р Васко Саздовски, тимот на Институтот ‘БиоСенс’ го негува споменот на една исклучителна личност, колега и соработник, и ги зачувува вредностите на кои Васко беше посветен – посветеност, знаење и човечност“, велат од Институтот „БиоСенс“.

На церемонијата беше нагласено дека придонесот на Саздовски во Институтот „БиоСенс“ е непроценлив, а неговата загуба е исклучителна за целата научна заедница.

Покрај неговите извонредни професионални достигнувања, д-р Саздовски, како што наведуваат, беше познат по својата љубезност, великодушност и посветеност кон своите студенти и колеги.

Директорот на институтот, Владимир Црнојевиќ, истакна дека Васко Саздовски бил дел од семејството „БиоСенс“ и дека засекогаш ќе остане така.

„Првото нешто што ми паѓа на ум кога го споменуваме е насмевката на Васко. Тој имаше најголема насмевка во нашето семејство. Сегашните и идните научници треба да го искористат овој амфитеатар и оваа зграда на најдобар начин, за да ја развијат науката и слободната мисла во оваа земја. И името на Васко ќе живее“, рече Црнојевиќ.

Весна Бенгин, коосновач на „БиоСенс“, го претстави новиот визуелен аранжман на амфитеатарот, дело на уметницата Светлана Милиќ, магистер по природни науки, дизајниран да ја зачува трајната меморија на загинатиот македонски научник на достоинствен начин.

„Неговата посветеност на истражувањето и човечката топлина беа подеднакво инспиративни. Како еден од клучните членови на проектот Антарес, Васко ги поврза сите технологии на природата со својата креативност, истражувајќи ги можностите на роботиката во земјоделството. Неговата научна мисла и енергија беа како ѕвезди, светлосни точки во огромниот простор на креативноста и мислата на човештвото, насочени кон откривање нови можности и за човекот и за земјата. Еден дел од ова уметничко дело направено во негова чест го претставува Млечниот Пат, сегмент од вселената во кој сјае ѕвездата Антарес, како симбол на креативниот дух на Васко“, рече Бенгин.

Васко Саздовски (1979-2024) докторирал на Универзитетот Кренфилд во Велика Британија и во кариерата, што траела повеќе од дваесет години, се занимавал со роботика и автономни системи во институции во нашата држава, Германија и Хрватска, а потоа и во Институтот „БиоСенс“, во Нови Сад, Србија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ