Осомничениот вчера рано наутро, пред ноќен клуб во Градскиот парк, нападнал полицаец кој се обидел да го легитимира. Со удари со тупаници го повредил полицаецот, а потоа бил совладан и кај него бил пронајден полуавтоматски пиштол „Глок“ со калибар 9 мм Para, како и две рамки со 30 куршуми за тој пиштол.
„Откако беше утврдено дека странскиот државјанин престојува во хостел во Скопје, јавниот обвинител обезбеди наредба за претрес и во собата во која престојувал осомничениот, каде исто така било пронајдено поголемо количество оружје и муниција – уште еден пиштол „Глок“, три рамки со по 15 куршуми, дополнителни 75 куршуми во зипер ќеси, комплет за чистење оружје, три ножа, како и други предмети – фантомка, тактички ракавици, бандажери за раце, сајли за врзување, усб и хартиени документи, за кои е издадена наредба за вештачење“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постои реална опасност од бегство, можност да влијае врз постапката и сведоците и да ги прикрива доказите, како и опасност да изврши друго кривично дело.






