петок, 5 декември 2025

Амбасадорот Рокас во посета на Кочани, ЕУ останува сигурен партнер

Амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, денеска го посети Кочани. За време на неговата прва посета на општината по локалните избори, Рокас им оддаде почит на жртвите од неодамнешната трагедија и се сретна со новоформираните локални власти, како и со претставници на заедницата.

Објавено на

часот

Сподели

Посетата започна на градските гробишта, каде што амбасадорот Рокас и неговиот тим положија цвеќе во спомен на 63-те жртви во трагичниот пожар што настана на 16 март. Потоа следеше состанок со новиот градоначалник на Кочани, Влатко Грозданов, кој се фокусира на локалните приоритети, потребите на заедницата и тековната поддршка од ЕУ за развој на општината. За време на последователниот состанок со општинскиот совет, беа разменети мислења со новоизбраните советници за јавните услуги, локалното управување и соработката со иницијативите финансирани од ЕУ.

Попладнето се одржаа серија дискусии зад затворени врати: една со здружението на родителите на жртвите, „16 март 2025“ и друга со групата преживеани лица од кочанската трагедија. И на двете средби се истакна важноста од континуирана поддршка и вклученост и на државно ниво. Дискусиите ги водеше експерт од Центарот за психосоцијална и кризна акција „ЦПКА Малинска“, професионална агенција која уште од самиот почеток на трагедијата нуди психосоцијална поддршка на заедницата во Кочани.

За време на посетата се дискутираше и за иницијативите поддржани од ЕУ кои се планирани за Кочани и за поширокиот Источен регион  – за подобрување на управувањето со животната средина, надградба на медицинската опрема во клучните области на здравството и поддршка на енергетски ефикасна реконструкција на јавни згради. Исто така, се работи на долгорочен пристап за користење на термалните води во Кочани на одржлив начин.

Младинскиот ангажман ќе биде зајакнат преку новата Јуроп хаус (Europe House) во Кочани, со која се создава простор за креативност, учење и проекти во заедницата. Локалното граѓанско општество и независните медиуми ќе имаат пристап до нови можности за финансирање, додека подобрувањето на безбедноста на работното место останува важен приоритет за идната поддршка од ЕУ.

Се очекува дополнителна соработка преку претстојните експертски работилници за квалитетот на здравствената заштита и иницијативата Тим Европа, предводена од Романија.

Посетата заврши во „Гнездо“, каде што средношколци се приклучија на креативната работилница на Јуроп хаус. Активноста е дел од тековната соработка помеѓу Јуроп хаус и заедницата во Кочани.

По посетата, амбасадорот Рокас ја испрати следната порака: „Кочани покажа сила во година обележана со катастрофална загуба. Денес дојдовме пред сè да ја слушнеме и да ја поддржиме заедницата. Посветеноста на семејствата, посветеноста на локалните институции и енергијата на младите луѓе тука се јасни. Европската Унија ќе остане сигурен партнер додека Кочани продолжува да заздравува и да се движи напред.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ