„Изјави од ваква природа длабоко ги повредуваат чувствата на граѓаните на Република Србија, за кои 24 март претставува симбол на големо страдање и почеток на еден од најтрагичните периоди во поновата историја на нашата земја и народ. За време на 78-те денови на непрекинато бомбардирање, животот го загубија околу 2.500 цивили, меѓу кои и неколку десетици деца, додека повеќе од 6.000 лица беа повредени. Во текот на агресијата беа уништени мостови, болници, училишта, фабрики и културни добра, а многу семејства ги изгубија своите најблиски, домовите и чувството на сигурност. Сеќавањата на тие настани и страдањата на населението се длабоко врежани во колективната свест на нашиот народ, а болката и последиците од тој период се присутни и денес. Токму затоа, секој обид за релативизирање или позитивна интерпретација на овие случувања се доживува како болно и недолично понижување на жртвите и нивните семејства.
Воената интервенција на НАТО во март 1999 година беше спроведена без одлука на Советот за безбедност на Обединетите нации и претставува флагрантно кршење на меѓународното јавно право и на принципите врз кои се темели меѓународниот правен поредок. Затоа, сметаме дека наративот за овој настан, кој е лишен од неопходна правна и морална чувствителност, не придонесува за градење заемно почитување во меѓудржавните односи.
Изразуваме надеж дека во иднина ќе биде земена предвид сложеноста на ваквите теми при јавни настапи, но, што е уште поважно, ќе биде покажана доследност во почитувањето на принципите на меѓународното право, наместо нивна селективна примена и интерпретација.
Дополнително, особено нè загрижува лесното и неосновано користење на јазични формулации и правни термини, како што е терминот ‘геноцид’, чија злоупотреба претставува релативизирање на поимот и навреда за сите вистински жртви на тој најтежок облик на злосторство. Произволното користење на вакви сериозни квалификации бара посебна одговорност, аргументираност и внимателност, особено во регион кој низ својата историја претрпел бројни страдања.
Во таа насока, ја користиме оваа прилика повторно да укажеме на бројноста и условите во кои живее српската заедница на Косово и Метохија, која подолг временски период се соочува со систематско кршење на основните човекови права, институционален притисок, физички напади, уништување на културното и верското наследство, па дури и со сквернавење на гробни и споменични места — сè со цел да се избрише секој траг од вековното присуство на Србите на овие простори.
Амбасадата нагласува дека Република Србија и понатаму останува посветена на негување блиски и пријателски односи со Република Северна Македонија, како и на зачувување на регионалната стабилност и соработка, но истовремено го задржува правото да ја брани вистината за сопствената историја и достоинството на својот народ, кој бројчано најмногу страдал на овие простори во текот на 20 век“, се вели во реакцијата на Амбасадата на Србија во Македонија.