За предлог-законот за Jавното обвинителство се поднесени 27 амандмани од пратеничките групи, а според најавите ќе има и комисиски амандмани.
Претседателот на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, Љупчо Пренџов вчера на прес-конференција информира дека 13 амандмани се поднесени од ДУИ, 10 од СДСМ и четири од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Пренџов нагласи дека со предлог-законот за Јавното обвинителство се доближуваме чекор поблиску до остварување на реформската агенда и до Европската Унија.
Предлог-законот предвидува модернизација на постојната законска рамка, воведување јасен мерит-систем за избор, унапредување и оценување на обвинителите, како и зајакнување на гаранциите за нивната самостојност.
Меѓу клучните новини се поефикасен систем за оценување, прецизирани критериуми за професионалност, подобрено управување со предметите и подетализирана дисциплинска постапка со јасни рокови и механизми за спречување злоупотреби.
Законот ги зголемува и стандардите за транспарентност при изборот на јавниот обвинител, преку јавни седници на Советот на јавни обвинители, јавно презентирање на програмите на кандидатите и објавување на нивните биографии.
Министерот за правда Игор Филков изјави дека со ова законско решение се отстрануваат долгогодишни слабости во системот, како недоволна отчетност, нејасни критериуми за унапредување и бавни истражни постапки.
„Зошто беше потребна оваа реформа? Затоа што со години се наталожуваа слабости, недоволна отчетност, нејасни критериуми за унапредување, недоверба во дисциплинските механизми, бавни истраги и сомнежи на влијање. Во процесот на изготвување на законот беа оддржани дебати со поддршка на ЕУ, консултации со стручната и општата јавност преку ЕНЕР платформата, како и усогласување со мислењата на сите релевантни институции“, рече министерот.
Тој посочи дека во подготовката на законот биле вклучени препораките од ГРЕКО, Венецијанската комисија, Европската комисија, како и насоките од Реформската агенда и Патоказот за владеење на правото. Според него, донесување на овој предлог закон е од круцијално значење за исполнување на два чекори од реформската агенда во областа на владење на правото.
„Со новиот закон воведуваме јасен мерит систем за избор, унапредување и оценување на обвинителите. Предлог законот воведува поефикасен систем на оценување, при што редовното оценување ќе се врши на секој три години на место досегашните четири. Значајна новина и зајакнувањето на транспарентност во постапката за избор на јавниот обвинител на Македонија се воведува појасна, пообјективна и поефикасна дисциплинска постапка“, нагласи тој.
МИА






