Телефонската линија 070 390 632 претставува безбеден простор каде што децата можат отворено да зборуваат за своите стравови, предизвици и проблеми. Најважната порака што се испраќа до секое дете е дека не е само и дека неговите права се реални и заштитени, а не само декларативни формулации на хартија.
Во текот на 2024 година, линијата на Ало Бушавко била достапна 24 часа на ден, 7 дена во неделата. Во овој едногодишен период се пријавени 222 случаи од страна на деца, при што се покажало дека најголемиот број од нив се соочувале со повеќе од еден проблем, најчесто поврзани со менталното здравје.
„Менталното здравје е најзастапената категорија и сочинува 74,2% од сите пријавени проблеми. Во неа најчесто се јавуваат страв и вознемиреност (97 деца), проблеми со гневот (93 деца) и загриженост за себе (79 деца). Овие состојби често се преплетуваат, што укажува на комплексноста на психолошките предизвици со кои се соочуваат децата. Како основни причини за овие проблеми се наведуваат нарушени семејни односи, особено оние што произлегуваат од разводи, конфликти околу старателство и недостиг од контакт со еден од родителите. Во таа насока, категоријата ‘Семејни односи’ зазема четврто место по бројност на дојави, со 17 случаи“, се вели во Извештајот на „Меѓаши“.
Насилство, занемарување и образовни предизвици
Во категоријата „Повреда“, која ја опфаќа злоупотребата и занемарувањето, се пријавени 16,8% од случаите. Емоционалното насилство е најчесто (30 пријави), по што следат занемарување (21 случај) и физичко насилство (18 случаи). Овие податоци потврдуваат дека многу деца живеат во небезбедни и деструктивни средини кои сериозно го нарушуваат нивниот развој.
Дополнително, 2,6% од пријавите се однесуваат на загрозување на правата на детето во образованието, при што 16 од вкупно 18 случаи се поврзани со односите со наставен и стручeн кадар во училиштата.
Најмалку застапени категории се: дискриминација и исклучување (1,6%), пристапност (1,2%), сексуалност (0,4%), исчезнати деца (0,4%), и физичко здравје – со ниту една пријава, што може да укажува на недоволна свест или страв од пријавување на одредени теми.
Недостиг од системска поддршка, најголем ризик за иднината на децата
И покрај алармантните податоци, менталното здравје кај децата сè уште не добива соодветно внимание. Недостатокот од системска поддршка, дефицитот на стручен кадар и слабата интерсекторска соработка ги оставаат децата сами со нивните проблеми. Овие пропусти го зголемуваат ризикот од долгорочни последици по нивното здравје, образование и социјална интеграција.
Во таа насока, Ало Бушавко не е само телефонска линија – тој е стратешки партнер во заштитата на децата. Тимот е составен од психолози, педагози, наставници, социјални работници и психотерапевти под супервизија, што овозможува сеопфатен пристап во третманот на секој случај.
Во текот на 2024 година, тимот на Ало Бушавко активно соработувал со институции и организации како Центрите за социјална работа, Секторот за внатрешни работи, Народниот правобранител, Здружението на млади правници, Коалицијата за правично судење и други чинители. Оваа мрежа на соработка има за цел да обезбеди брза, квалитетна и ефикасна интервенција кога е најпотребна.
Од 1993 до денес над 22.000 дојави и илјадници слушнати детски гласови
Од основањето во октомври 1993 година до денес, преку телефонот на Ало Бушавко се обработени вкупно 22.588 дојави. Секој повик претставува приказна, секој разговор – можност за промена. Податоците се обработуваат и користат за креирање годишни извештаи, преку кои се врши притисок врз носителите на одлуки и се работи на подобрување на политиките за деца.
Телефонот за деца и млади не нуди готови решенија, туку отвора простор за дијалог, алтернативи и поддршка. Целта не е само да се сослуша проблемот, туку да се изгради мост до решение, до безбедност, до иднина во која секое дете е заштитено и почитувано.
К.Д.