Визијата на Алкалоид во 2026 година, како глобално ориентирана компанија е да се стреми кон постигнување високи цели и дострели, кои ќе овозможат изразена конкурентност и пазарна позиција.
Водејќи се од нивната мисија, Алкалоид постојано тежнее кон поздрав свет, кон супериорен квалитет на производите и на услугите, како и кон висока професионалност и кон континуиран успех.
„Императив ни е заштитата на интересите на сите вклучени страни. Основна определба ни е грижата за здравјето и за квалитетот на животот на секој човек, за системот на здравствена заштита и за животната средина. Нашата заложба е континуирано унапредување на здравјето на луѓето, што се рефлектира преку нашето мото ‘Здравјето пред сѐ’“, велат од Алкалоид.
Имајќи ги во предвид вредностите, визијата и мисијата, бизнис планот на Алкалоид за 2026 година ги предвидува продажбата, приходите и планираните резултати од работата на компанијата.
Што се однесува до продажбата по сегменти, по профитни центри, Алкалоид планира 91 отсто од консолидираните продажби да ги реализира профитниот центар Фармација, а девет отсто профитниот центар Хемија, козметика и билкарство.
Од компанијата очекуваат 34 отсто од консолидираните продажби да бидат остварени на домашниот пазар, додека, пак, 66 отсто од извоз.
Планираниот биланс на успех предвидува раст од осум отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА). Консолидиранaтa нето-добивка е предвидена со раст од најмалку седум отсто во однос на очекуваната за 2025 година.
„Постојано сме отворени за градење нови пазари и нови партнерства, а произведуваме и пласираме производи со највисок квалитет, применувајќи најсовремени технологии и деловни стандарди“, уверуваат од Алкалоид.
Посветеноста на постојан раст и развој и следењето на трендовите како и на најновите достигнувања во сферата на фармацијата се главните причини поради кои во изминатите две децении Алкалоид АД Скопје се задржа на курсот на континуирано инвестирање, вложувајќи повеќе од 250 милиони евра.
Во согласност со долгорочната развојна стратегија, односно со 20 годишниот инвестициски развоен план, во последните неколку години се изградени нов погон за производство на полуцврсти фармацевтски форми, нов погон за пакување лекови, нов магацински простор за складирање суровини, како и нов погон за производство на цврсти форми (фармацевтски препарати), најзначајната инвестициска активност. Во таа насока, а со цел соодветно зголемување на капацитетите и во Контрола на квалитет – фармација, во 2025 беше пуштена во употреба новата микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет која има капацитет да изведува околу 20.000 различни микробиолошки анализи годишно, a во неа работи 21 високостручен кадар.
„Континуирано вложуваме во нови производствени опреми и во инсталирање најсовремени технолошки линии за производство, при што се создадени услови за неколкукратно зголемување на производствените капацитети. Сите инвестиции во производствените капацитети на Фармација се изведени во согласност со најсовремените ГМП-препораки за производство на фармацевтски производи. Бизнис-планот за 2026 година предвидува инвестирање на околу осум отсто од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства“, појаснуваат од Алкалоид.
Со оглед на тоа што оваа фармацевтска компанија има повеќе децении реномирана репутација како истакнат сегмент за истражување и за воведување нови производи, нови технологии, аналитички методи и услуги, кои обезбедуваат раст на богатото портфолио, со грижа за заштитата на животната средина, како и на здравјето и на безбедноста при работа, бизнис-планот за 2026 година предвидува раст од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој.
„Издатоците за истражување и развој низ годините наназад континуирано растат, резултирајќи со повисоки стандарди за квалитет, кои придонесуваат за зголемување на благосостојбата на потрошувачите. Бизнис-планот во 2026 година предвидува раст од најмалку десет отсто на издатоците за истражување и развој, односно алоцирање на повеќето ресурси во овој сегмент, со цел натамошна модернизација на генеричкото портфолио, дополнето со патентирани производи со додадена вредност“, објаснуваат од Алкалоид.
Изминатите неколку години како стратешки императив и приоритет Алкалоид го постави воведувањето на ЕСГ-стандардите (Environmental, Social and Governance) за интеграција и за известување во компанијата. Беа донесени голем број внатрешни акти кои го систематизираат работењето на сите сектори во согласност со ЕСГ-принципите. Одговорноста кон животната средина и кон заедницата се составен дел од секојдневието на секој еден вработен во Алкалоид, во сите земји каде што компанијата има воспоставено операции. Според планот, во иднина ЕСГ-сегментот ќе се проширува и ќе се интензивира, пренесувајќи се на сите засегнати страни во Алкалоид со една единствена цел – да биде изграден подобар, поздрав и поодржлив свет.
„Следејќи ги плановите за раст и развој, во 2026 година очекуваме околу 50 нови вработувања во Алкалоид АД Скопје и во друштвата во странство. Продолжуваме со вложувањата во човечкиот капитал преку издвојување значителни средства за обуки и за други придобивки за вработените, наедно создавајќи предуслови за натамошно зголемување на просечната нето-плата по вработен. Акциите на Алкалоид АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во 2025 година се движеше од 24.000 до 31.099 денари или просечно 26.905,83 денари за една акција, што претставува раст од 24 отсто во споредба со просечната цена на акцијата во истиот период од 2024 година. Цената на акцијата на последната трансакција на 29 декември 2025 година изнесуваше 24.990 денари. Пазарната капитализација на компанијата во декември 2025 година изнесува 36 милијарди денари. Менаџментот на компанијата ќе продолжи и натаму со досегашната дивидендна политика соодветно на остварените резултати. Планот предвидува алоцирање на дел од нето добивката на компанијата за дивиденда и за персонален данок, додека, пак, остатокот ќе биде за инвестиции“, децидени се од Алкалоид.
Бизнис-планот на компанијата за 2026 година е донесен со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје на седницата одржана на 29 декември 2025 година.
Алкалоид AД Скопје е компанија која девет децении работи на производство на лекови, преработка на билни суровини и на производство на козметички и на хемиски производи. Алкалоид е акционерско друштво во чии рамки работат два профитни центри, Фармација и Хемија, козметика и билкарство. Има пет капитално поврзани друштва во земјава, како и 22 капитално поврзани друштва и две претставништва во странство (Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, Турција, Украина, Руската Федерација, САД, Велика Британија, Романија и Казахстан). Компанијата брои 2.200 вработени во земјава и 800 вработени во друштвата и во претставништвата надвор од Македонија.






