„Со синдикатите сме на иста страна, во постојана комуникација сме, одржуваме редовни работни средби и заеднички се залагаме за унапредување на статусот на здравствените работници. Во духот на социјалниот дијалог, разговаравме и ги разгледувавме можните аспекти за доработка на колективниот договор. Воедно, ги информирав претставниците на синдикалните организации за динамиката со која се одвива реализацијата на новите вработувања во здравството, кои беа привремено пролонгирани поради локалните избори, како и за трајното вработување на приватните специјализанти“, истакна министерот Алиу.
Алиу денеска ја посети Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
„Комплетното реновирање на КАРИЛ е во завршна фаза и во најскоро време очекуваме овој простор да биде пуштен во употреба за пациентите. Се финализира и реновирањето на хируршкиот оперативен блок, каде се опфатени четири операциони сали во прва фаза. Во втора фаза е предвидена и нова операциона сала во рамки на Ургентниот центар, со што оваа Клиника ќе добие уште една сала за помали интервенции“, истакна Алиу по обиколката на Клиниката за ТОАРИЛУЦ.

На средбата со директорот на Клиниката, д-р Игор Мерџаноски биле разгледани можностите за набавка на нова најсовремена медицинска опрема наменета за КАРИЛ и за оперативниот блок, во насока на унапредување на условите за третман на пациентите, соопшти Министерството за здравство.






