Тој додава дека владината Програма за трансплантација за 2026 година како приоритет ги поставува зголемувањето на трансплантациите на бубрези, срце, црн дроб, коски и коскени ткива од починато лице, проширувањето кон васкуларни ткива и отпочнувањето подготовки за трансплантација на бели дробови, заедно со национални листи, регистри, координатори и софтверска надградба во „Мој термин“.
„Со други зборови, во македонскиот здравствен систем постои цврста медицинска, кадровска и организациска основа“, нагласува министерот.
Како што пишува министерот, во светот на медицината постојат области што ја покажуваат техничката и научната моќ на современото здравство. Но трансплантацијата открива нешто уште поважно, а тоа е моралната зрелост на едно општество. Во 2024 година, глобално се извршени рекордни 173.727 трансплантации на органи, а во Европа 44.021 трансплантации. И покрај тој напредок, на крајот на истата година 94.644 пациенти во земјите на Советот на Европа сѐ уште чекале орган, а 8.591 човек починал додека бил на листа на чекање. Тоа значи дека трансплантацијата денес не е само „кралица“ или врв на медицината, туку и мерка за тоа колку едно општество умее да ја организира надежта за втора животна шанса.
„Македонија денес не стои пред прашањето дали знае. Македонија знае. Имаме подготвени и обучени медицински тимови, кадар со знаење, искуство и професионална подготвеност за извршување на најсложените медицински постапки што ги бара трансплантацијата. Нашиот систем веќе има искуство со трансплантации на бубрези, срце, црн дроб и коскени ткива, а оваа недела јавноста беше информирана и за 16 успешно реализирани трансплантации на рожница, од кои кај дел од пациентите се применети современи минимално инвазивни техники со микронска прецизност. Владината Програма за трансплантација за 2026 година тоа јасно го потврдува и институционално, односно како приоритет ги поставува зголемувањето на трансплантациите на бубрези, срце, црн дроб, коски и коскени ткива од починато лице, проширувањето кон васкуларни ткива и отпочнувањето подготовки за трансплантација на бели дробови, заедно со национални листи, регистри, координатори и софтверска надградба во ‘Мој термин’. Со други зборови, во македонскиот здравствен систем постои цврста медицинска, кадровска и организациска основа“, напиша Алиу.
Затоа денес, додава тој, најважното прашање не е хируршко, туку општествено. Не е прашањето дали имаме сала, тим и опрема. Прашањето е дали имаме доволно доверба, доволно јасно изразена лична волја и доволно зрел јавен разговор за темата на органодарителството.
„Токму овде нашата Република мора да зборува со најголема внимателност. Во земја како Македонија, чиј духовен и вредносен пејзаж длабоко го обликуваат исламот и православното христијанство, органодарителството не смее да се претвори ниту во студена административна тема, ниту во агресивна кампања што ќе ги одалечи луѓето од темата. Треба да се говори со почит кон тагата, кон телото, кон совеста и кон верата. Но исто така е важно да се каже и дека во нашиот јавен простор веќе беше соопштено дека традиционалните верски заедници го поддржуваат доброволното дарување органи и ткива како чин на хуманост и личен избор, а и исламски и православни претставници оваа година јавно зборуваа за органодарителството како за чин што спасува и продолжува живот. Тоа не значи дека Репбликата треба да ја толкува верата. Тоа значи дека нашата Република треба чесно да покаже дека човечноста и духовноста не стојат една спроти друга, туку можат заедно да застанат на страната на животот“, пишува во колумната министерот за здравство Алиу.
Токму затоа, вели тој, фокусот на Министерството за здравство во периодот што следи ќе биде двоен. Прво, да го унапреди системот таму каде што институциите се должни да испорачаат – закон, регистар, координација, транспарентност, следливост, заштита на пациентите и силна поддршка на трансплантациските тимови. И второ, да отвори мирен, достоен и искрен јавен разговор со граѓаните, матичните лекари, пациентските здруженија, медиумите и верските заедници.
„Не за да убедуваме со притисок, туку за да објасниме со почит. Не за да ја оттурнеме болката, туку за да ѝ дадеме повисока смисла тогаш кога човекот сам, слободно и достоинствено одлучува да дарува“, вели Алиу.






