недела, 7 декември 2025

Алиу: Дијагнозата за системот е недостиг на основни податоци, нејасно дефинирани временски процеси и краткорочни приоритети

Мисија и визија во здравствениот систем на секоја држава се здравството и здравствените услуги да бидат што поблиску до граѓаните и тоа е наша заложба како Министерство за здравство, истакна министерот Азир Алиу за време на денешната посета на ЈЗУ Клиничка болница-Битола. Претходно, Алиу се обрати на четвртата годишна конференција за здравство во организација на Американската стопанска комора, која годинава е посветена на темата „Моќта на навремената акција за здравствен систем што испорачува“.

Објавено на

часот

Сподели

Во изјава за медиумите, министерот Алиу посочи дека во приоритетите на Министерството за здравство е и ЈЗУ Клинична болница-Битола.

„Еден од нашите приоритети е и Клиничкиот центар во Битола кој цениме дека има доволни можности за да инвестираме и да се подобри квалитетот на здравствените услуги. Интензивно работиме да инвестираме во инфраструктура и човечки ресурси. Заедно со Министерството за образование и наука подготвуваме нова Национална стратегија за креирање здравствен кадар за здравството и таа стратегија ќе ни даде јасна слика колку доктори, колку медицински и колку технички кадар ќе ни треба во иднина од аспект на формално образование. Од аспект на специјализации, ќе го намалиме времетраењето на специјализациите, а профилот на специјализанти ќе биде согласно потребите на здравствените институции“, истакна министерот Алиу.

За време на посетата на ЈЗУ Клиничка болница, министерот за здравство беше информиран за потребните профили на лекари и за други барања на таа здравствена установа.

„Битола е регионален центар и затоа ќе инвестираме во инфраструктура, во нови технологии, едукација и обуки за здравствениот кадар. Јас сум задоволен од ентузијазмот што го гледам кај вработените и затоа на наредната средба ќе зборуваме за реализираните ветувања кои ќе произлезат од заеднички акциски документ. Во таа смисла, приоритет во Битола за нас е Центарот за онкологија и затоа ќе инвестираме во човечки ресурси и инфраструктура за да може сите потребни здравствени услуги да се нудат во Битола“, нагласи министерот Алиу.

Според Ненси Лозанче, директорка на ЈЗУ Клиничка болница-Битола, за подобрување на состојбите во болницата е потребен подолг период затоа што во минатото не се вложувало во инфраструктура и човечки ресурси.

„Со заедничка соработка со Министерството за здравство и Владата, се надевам дека ќе успееме да ја подобриме состојбата во нашата болница. Правиме напори да ја подобриме состојбата со човечки ресурси. Како што е познато и објавивме вработувањето на млади лекари во блиска иднина нема да ја подобри состојбата бидејќи специјализациите се многу долги и ние како доктори ги немаме присутни во болницата. Затоа инициравме вработување на специјалисти кои дојдоа да работаат во ЈЗУ Клиничка болница-Битола напуштајќи приватно здравство, а имаме најава за доаѓање на еден хирург кој сака да работи кај нас. За да ги заинтересираме докторите потребно е да се вложи во болницата и да се набави нова опрема со што нивото кое го заслужува ЈЗУ Клиничка болница ќе биде подигнато за брзо време“, изјави Лозанче.

Менаџментот на ЈЗУ Клиничка болница-Битола со обиколка низ повеќе одделенија во болницата директно го запозна министерот за здравство Азир Алиу со реалната слика во таа здравствена установа.

Претходно, Алиу се обрати на четвртата годишна конференција за здравство во организација на Американската стопанска комора, која годинава е посветена на темата „Моќта на навремената акција за здравствен систем што испорачува“.

Во своето обраќање министерот Алиу се осврна на повеќе тековни проекти за зајакнување и унапредување на капацитетите во јавното здравство. Во рамки на панел дискусијата со претставници од институциите, бизнис секторот и пациентските организации се разговараше како од реактивен да се премине кон проактивен здравствен систем.

„Дијагнозата за нашиот систем е недостиг на основни податоци, нејасно дефинирани временски процеси и краткорочни приоритети. Затоа, почнавме со изработка на десетгодишна национална стратегија за човечки капацитети, која ќе биде независна од дневната политика. Дополнително во партнерство со Медицински факултет при УКИМ и факултетите за медицински науки во Тетово и Штип, ги стартувавме реформите на специјализациите и супспецијализациите со кои ќе се опфати редефинирање на гранки, скратување на дел од програмите и зајакнување на пошироките специјализации – интерна медицина и општа хирургија – за усогласување со реалните потреби на системот“, посочи министерот Алиу.

Тој го истакна и зајакнувањето на примарното здравство и превенцијата, со нови вработувања и постапка за набавка на 100 возила за итна медицинска помош, како и надградбата на дигиталната поддршка за пациентите преку ,,МојТермин”, „Мое Здравје“ и подготовка на национални мрежи за радиологија и телемедицина. Посочи дека е во тек дигиталната трансформација и воведени се нови модули во „МојТермин“ за евиденција на прегледи од областа на медицина на трудот и систем за евиденција и управување со барањата за листата на лекови, со која првпат се почнува со дигитализација на постапката за ставање нов лек на позитивна листа.

„Работиме на регионално планирање кадар и ресурси и на децентрализација на онколошката грижа во ГОБ ‘8 Септември’, Тетово и Битола, а во Гостивар веќе е ставена во функција нова хируршка сала за ортопедија и трауматологија. Од првиот ден воведов отворен кабинет и контакт-форма за директен дијалог со граѓаните, а во тек се консултации за пакет измени и дополнувања на 12 закони за поквалитетни и подостапни услуги. Нашата цел е јасна и споделена – тоа е здравство што навреме испорачува квалитетни услуги, со пациентот во центарот“, заклучи министерот Алиу.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ