петок, 16 мај 2025

Алијанса за Албанците на Таравари излегува од Владата

Промените што ги ветивме не ги испорачавме. Има огромно незадоволство на Албанците од тоа како владее Вреди во оваа Влада. Одиме во опозиција и во октомври се враќаме со мошне добри резултати на локалните избори. Ова вечерва го изјави Арбен Таравари, по денешниот состанок во Тетово на раководните органи на Алијанса за Албанците.

Објавено на

часот

Сподели

„Минатата година со гордост ја донесовме промената во албанскиот блок после 20 години и за тоа сме многу горди. Но промените што ги ветивме за жал не ги испорачавме. И за тоа секојдневно граѓаните нѐ критикуваат. Затоа ние одлучивме да се вратиме кај граѓанинот. Да побараме од нив доверба во октомври за локалните избори. Со Вреди се обидувавме околу шест недели да изнајдеме начин за меѓусебна поддршка за кандидатите за градоначалници. Но не успеавме во тоа и денеска констатираме дека доколку има недоверба во тие што се членови на Владата, доколку има конспирации и секакви сомнежи, немаме што да бараме таму. Едноставно подобро е да бидеме надвор и да се вратиме кај граѓанинот“, рече Таравари.

Тој тврди дека има огромно незадоволство од Албанците за тоа како владее Вреди во оваа Влада, во која тој сѐ уште е министер за здравство.

„Уште не е донесен Законот за правична застапеност. Албанците се жалат. Третманот на вработените Албанци во администрацијата е полош од порано. Тоа искрено нѐ загрижува. Многу ни е битен и европскиот пат на Македонија. Мислам дека ова ќе биде тежок период за Македонија. Многу е битно да бидеме што поскоро дел од ЕУ. Така што ни преостанува е да кажеме дека одиме во опозиција и во октомври се враќаме со мошне добри резултати на локалните избори“, изјави Таравари.

Алијанса за Албанците беше дел од коалицијата Вреди, која е дел од Владата. Министерот за добро владеење Арбен Фетаи, член на АА, пред неколку дена изјави дека не се согласува со одлуката на Таравари да оди во опозиција. АА има и пет пратеници, но не се знае дали сите петмина ќе се приклучат на одлуката на партиското раководство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ