сабота, 20 декември 2025
Конгрес на ДУИ

Али Ахмети останува лидер на ДУИ

На петиот конгрес на ДУИ денеска Aли Ахмети повторно е избран за претседател на партијата. Ахмети беше единствен кандидат, а за него гласаа 737 делегати.

Објавено на

часот

Сподели

Ахмети на конгресот побара одлучувањето по „Бадентер“ да се спроведува секаде, па дури и при избор на влада.

„Предлагаме три клучни мерки кои обезбедуваат правична застапеност, функционална еднаквост и општествена кохезија, во духот на Рамковниот договор од Охрид. Прво, избор на Владата со двојно мнозинство, односно извршен Бадентер. Секој нов состав на Владата да ја добие довербата на Собранието не само со мнозинство од вкупниот број пратеници, туку и со мнозинство од пратениците кои ги претставуваат немнозинските заедници“, смета Ахмети.

Ова, според него, ќе овозможи Владата да ужива двоен легитимитет и реално да ги претставува сите заедници.

„Овој механизам обезбедува двоен демократски легитимитет и гарантира реална застапеност на сите етнички заедници, како и зачувување на меѓуетничката кохезија на највисоките нивоа на извршната власт“, рече Ахмети.

Како втора мерка, лидерот на опозициската ДУИ ја посочи примената на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд.

„Законите усвоени со двојно мнозинство во Собранието не смеат да бидат поништени од Уставниот суд без двојно мнозинство и во рамките на судскиот состав. Предлагаме уставно-правни измени со кои одлуките што ги засегаат правата на немнозинските заедници нема да се донесуваат без заемна согласност меѓу судиите“, рече Ахмети.

Трета мерка, додаде, е продлабочување на децентрализацијата и локалната самоуправа, односно, како што рече, „финансиска автономија на единиците на локалната самоуправа, преку правична распределба и враќање на даночните и таксените приходи во општините каде што тие се создаваат“.

Ахмети најави нов „Национален договор за напредок“ и побара целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во последните 34 години.

На конгресот беа усвоени и 4 резолуции како четиригодишна визија за напредок, а се однесуваат на зајакнување на унитарниот карактер на државата, владеење на правото, независно судство и враќање на довербата во институциите, за национален договор за напредок и одржлив развој на државата и за европска интеграција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ