Освен што препознал „страв“ кај претседателката, Пајазити пак речиси инстинктивно ја води својата колумна до заклучокот дека албанскиот јазик е (или – ќе биде) исклучен од употреба во државата, па затоа „ ако се исклучуваат вака, тогаш Албанците во Македонија ќе мораат да си избираат свој претседател и свој премиер…“.
„Пазете се од Уставот! Се чини дека со напредокот на албанскиот јазик, државата и Македонците се во опасност. Не, таа не е загрозена, туку збогатена, јазичната разновидност е богатство. Со членови и одредби, дури ни со Уставот, не можете да го искорените албанскиот јазик, тој опстојува повеќе од 6.000 години. Албанскиот јазик е кодот и клучот за сите индоевропски јазици.
Претседателот треба да ги обединува граѓаните, а не да ги дели. Во нормална и демократска држава, треба да се бори за правата на сите граѓани. Ако се исклучени вака, тогаш Албанците во Македонија би морале сами да си изберат претседател и премиер…“, пишува Пајазити во колумната насловена „ Претседателката Гордана Сиљановска пишуваше за албанскиот јазик како да е непријателски јазик“.
Законот за употреба на јазиците е уставно дискутабилен уште од самото изгласување во Собранието во 2018 година, а некои одредби во него и Венецијанската комисија ги оцени како неприменливи и нефункционални. Предметот во Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија и е оформен уште во 2019 година. Уставниот суд се зафати со расправа за овој предмет, минатата есен, а подготвителната расправа, која требаше да се одржи на 20 март е одложена (без утврден термин), поради деновите на жалост за трагедијата со пожарот во Кочани.
Очигледно албанскиот (интелектуален) фактор во Македонија, расправата на Уставниот суд за овој закон ја доживува и сака да ја претстави како укинување на употребата на албанскиот јазик во македонското општество и обвинувајќи за предизвикување етнички тензии, како по условен рефлекс „тргнува во напад“ на унитарноста на државата, дури и да е тоа иронично кажано дека „ Албанците во Македонија ќе мораат да си избираат свој претседател и свој премиер“.
Уставот треба да се почитува од сите македонски граѓани, секогаш и во секоја правна ситуација. Унитарниот карактер пак на Македонија како држава е уставна категорија, загарантирана и со Охридскиот договор, кој за албанскиот политички фактор е „појдовна точка“ во сите политички аргументации. Зошто тогаш се „тргнува во напад“ на унитарноста на секое споменување на македонскиот устав?
Ј.П.