„Според сегашните податоци, БДП по глава на жител кај нас е на ниво од 42% од просекот на ЕУ. За побрзо затворање на тој јаз е потребен значително повисок раст од европскиот. Само со повисоки стапки на раст може да се движиме кон економска конвергенција“, нагласи гувернерот Славески.
Тој појасни дека клучот е во структурните реформи и продуктивните инвестиции – особено во човечки капитал, технологија, образование, здравство и инфраструктура – што би овозможило раст над потенцијалот од околу 4% годишно.
„Ако успееме да остваруваме раст од 5 или 6%, што е амбициозно, но остварливо, ќе можеме значително побрзо да ја постигнеме економската конвергенција со ЕУ“, изјави Славески.
Гувернерот оцени дека, иако растот во првиот квартал бил предводен од потрошувачката, позитивните сигнали од инвестициите, извозот и индустриското производство укажуваат на можност за повисоки стапки на раст во следниот период, со напомена дека светските ризици и натаму се значаен фактор.






