„Ајде тогаш да донесеме заедничка резолуција наша во Собранието, во која ќе ги кажеме нашите црвени линии. Ако се случи ново вето, да ги прекинеме преговорите со ЕУ“, рече Филипче за ТВ Сител.
Според него, повикот за консензус на таа тема не е искрен целосно од страна на власта.
„Сметам дека нема никаква намера да се направи чекор напред кон евроинтеграциите. Тоа што ние сме го прифатиле францускиот предлог е затоа што таков предлог дојде подготвен од Европската Унија и ни беше јасно дека друга шанса нема да имаме“, рече Филипче.
Според него, и ВМРО-ДПМНЕ кога дошла на власт, Европа кажала дека нема друга опција. СДСМ, рече Филипче, дава бланко поддршка доколку Владата издејствува подобри услови.
Лидерот на опозициската партија смета дека државата не смее бесцелно да чека и дека младите гледаат застој што директно влијае на нивната одлука да ја напуштат државата.
„За прв пат во анкетите се појавува прашањето на иселувањето на младите како едно од најважните проблеми, веднаш после правосудството, корупцијата и евроинтеграциите“, рече Филипче.






