сабота, 20 декември 2025

Ако до 3 октомври не добијат одговори, родителите на загинатите од Пулс ќе започнат со блокади

Родителите на починатите во мартовскиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска по 24-ти пат маршираа за своите ангели. Маршот започна од Паркот на Револуцијата, преку Трговскиот центар, мостот кај Шопинг центарот до зградата на Управата за јавни приходи. Поворката продолжи кон полициската станица и заврши пред Основниот суд, од каде беше упатено ултимативно предупредување до обвинителството и судот, од каде очекуваат одговори на прашањата што претходно им ги доставиле во писмена форма.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Родителите на починатите во мартовскиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска по 24-ти пат маршираа за своите ангели.

Маршот започна од Паркот на Револуцијата, преку Трговскиот центар, мостот кај Шопинг центарот до зградата на Управата за јавни приходи. Поворката продолжи кон полициската станица и заврши пред Основниот суд, од каде беше упатено ултимативно предупредување до Обвинителството и судот, од каде очекуваат одговори на прашањата што претходно им ги доставиле во писмена форма.

„Доколку до петок, 3 октомври, не добиеме официјален одговор ќе нема повеќе маршеви, ќе продолжиме со протести и блокади. Нема повеќе мирни чекори. Нема повторно молчење“, порачаа родителите.

Тие од ОЈО очекуваат одговор до каде е постапката против вработените во МВР и кога ќе има обвинети и обвинение, додека од судиите во Кривичниот суд, пак, бараат да знаат кога ќе ја донесат оценката на обвинителниот акт.

„Време е да се стави крај на одолговлекувањето и да се овозможи вистинска правда. Овие барања Ви ги доставивме и писмено по пошта. Доста е“, сметаат родителите.

Тие рекоа дека не станува збор за позадински политички влијанија на партии врз нив, туку дека тоа се тие, родителите, и нивниот бес, тага и револтот против системот. Сметаат, како што велат, дека постојат обиди да се направи селективна „правда“, наместо да има вистинската правда која им припаѓа на нивните деца.

„Правдата не чека. Жртвите не се бројки — тоа се нашите деца, браќа, сестри. Цели семејства се уништени“, револтирано рекоа родителите, додавајќи дека бараат одговори, одговорност и вистинска правда.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ