сабота, 13 декември 2025

Акција на МВР и Обвинителството, се апсат вработени во Платежна агенција

Во тек е акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал (ОЈО ГОКК) во која се апсат функционери на Платежната агенција, меѓу кои и директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев.

Објавено на

часот

Сподели

Според засега неофицијални и непотврдени информации денеска нешто после 13 часот, меѓу уапсените е и Илија Стоилев директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Според првичните неофицијални сознанија, наводно се работи за земање мито од страна на директорот од апликант за да му се додели договор за финансиска поддршка преку ИПАРД програмата.

Од ОЈО ГОКК ја потврдија акцијата, но не соопштуваат повеќе детали.

„Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК во моментов истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК и единиците на МВР вршат претреси на повеќе локации низ државава поради основано сомневање за сторени кривични дела од коруптивна природа“, велат од ОЈО ГОКК и најавуваат детали во текот на утрешниот ден.

И од МВР потврдија дека во тек е акција за апсење на осомничени за корупција во Платежната агенција.

„Полициски службеници во моментов вршат претреси на повеќе локации под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК и истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК поради основано сомневање за сторени кривични дела од коруптивна природа“, пишува во соопштението од МВР.

Актуелниот директор на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој е назначен во јули 2024 година.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ