недела, 25 јануари 2026

AХВ во 2025 спроведе над 125.000 контроли – изречени парични казни од 618.000 евра

Над 125 илјади  инспекциски контроли од областа на безбедноста на храната и храната за животни, здравствената заштита и благосостојбата на животните, спроведоа минатата година официјалните ветеринари и инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство. Покрај домашниот промет, предмет на контролите беа и производството, дистрибуцијата, угостителството, но и увозот и извозот, се вели во соопштението на АХВ од извештајот за работа минатата година.

Објавено на

часот

Сподели

Акцентот со контролите бил ставен на имплементирањето и одржувањето на процедурите на добра хигиенска и добра производствена пракса и ХАССП-системот за безбедност на храната, како и соодветното означување на храната, мониторинг на храната од домашното производство и од увоз, здравствената заштита и благосостојба на животните.

„Фреквенцијата на официјалните контроли се вршеше согласно категоризацијата на објектите (операторите со храна) по ризик, при што категоризираните објекти со висок ризик беа почесто контролирани од оние кои се категоризирани како оператори со  низок ризик.

Во 2025 година од вкупниот број, реализирани се вкупно 47.200 контроли во внатрешниот промет, во рамки на редовните и вонредните инспекциски надзори, при што беа издадени 5.406 решенија, поднесени 10 прекршочни пријави, изречени беа 1.073 прекршочни платни налози со вкупна вредност од  618.010 евра во денарска противвредност. Поднесени беа и 8 кривични пријави, сите од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните“, наведуваат од АХВ.

Во рамки на овие контроли, одземена и нештетено уништена била небезбедна храна (месо и месни производи, млеко и млечни производи, јаткасти плодови, јајца, риба, кондиторски производи и алкохолни и безалкохолни пијалаци) во вкупна количина од 355.377 килограми. Вкупната сума на изречени парични казни во 2025 година изнесува 618 илјади евра во денарска противвредност.

„Дополнително, инспекциските служби на агенцијата спроведоа 78.016 контроли на увозните пратки и пратките кои транзитираат низ земјава, со храна од животинско и неживотинско потекло, производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната, добиточна храна и живи животни. Како небезбедни уништени беа 8 пратки со храна од неживотинско потекло во количина од 69.785  килограми, а една пратка беше вратена во земјата извозник.

Како небезбедни во рамки на овие контроли уништени беа три пратки со храна од животинско потекло во вкупна количина од 22.061 килограми. Во истиот временски период како небезбедни вратени беа 16 пратки со храна од животинско потекло“, информираат од АХВ за резултатите од минатогодишното работење.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ